(ВИДЕО) Турција продолжува со активностите за заштита на турскиот јазик во целиот свет, не само на Балканот

Во Скопје се одржа прославен прием по повод Денот на образование на турски јазик – 21 декември, под покровителство на Влада на Република Македонија, со поддршка на Влада на Република Турција, ТИКА, и во организација на Сојузот на турски невладини организации во Македонија.

На свеченоста присуствуваа заменик претседателот на Владата на Република Турција Хакан Чавушоглу, претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, бројни министри, пратеници, амбасадорката на Турција во Македонија Тулин Еркал Кара, претседателот на Турската агенција за координација и соработка (ТИКА) Сердар Чам, претставници на дипломатскиот кор во земјата, како и претставници на државни организации и институции, како и претставници на невладините организации.

Заменик претседателот на Владата на Република Турција Хакан Чавушоглу во своето обраќање до присутните на свечениот прием го честиташе Денот на турски јазик и изрази надеж дека прославувањето на овој датум ќе има полза.

Чавушоглу ги пренесе поздравите по повод овој празник од претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган и премиерот на оваа земја, Бинали Јилдирим.

„Како еден ваш брат роден израснат во балканските краишта, можам да кажам дека балканските простори се од посебно значење за целиот свет, а особено за Турција. Македонија и нашите браќа имаат свое посебно место во ова значење”, истакна Чавушоглу.

Тој рече дека и во 21 век Република Македонија и нејзините граѓани го зачувуваат истото тоа значење за Турција и нејзините граѓани.

„Балканот за нас претставува една цивилизација, кадешто не може да се замисли разлика помеѓу државите и каде што не може да се изградат ѕидови помеѓу општествата”, потенцираше Чавушоглу.

Тој додаде дека турската заедница во Македонија со своето учество во општествениот живот придонесува во зајакнувањето на односите помеѓу Македонија и Турција.

Заменик претседателот на Владата на Република Турција, Чавушоглу, изрази уверување дека политичките дејствувања на Турците во Република Македонија за нивниот идентитет, како и нивните намери и цели за придонес се во потполна хармонија со другите етникуми во Република Македонија.

На крајот, Чавушоглу порача дека денешниот ден претставува важна прилика за празување и за среќа не само за Република Македонија, не само за Балканот, туку и за сите оние кои веруваат во хармонија на општествата.

На присутните им се обрати и министерот без ресор во Владата на Република Македонија задолжен за странски инвестиции, Аднан Ќахил, кој во својот говор рече дека Македонија е држава со мултиетнички карактер, како и дека таква и ќе остане.

Нагласи дека за оваа Влада образованието е најважен елемент.

„Без добро образование на мајчин јазик, но и на другите јазици, немаме иднина”, рече министерот Ќахил.

Свое обраќање имаше и претседателот на Сојузот на невладини организации во Македононија (МАТУСИТЕБ) Хусрев Емин кој упати благодарност до Република Турција за посветеното внимание на турската етничка заедница во Македонија.

Тој додаде дека зачувувањето на турскиот идентитет е од витално значење за оваа институција, а исто така наведе и дека општествената интеграција на младите е од особено значење.

Инаку, во рамките на денешната посета на Република Македонија, турскиот заменик премиер Хакан Чавушоглу се состана со претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов, со премиерот Зоран Заев, со министерот без ресор во Владата на Република Македонија задолжен за странски инвестиции, Аднан Ќахил, а во Гостивар присуствуваше на отварањето на проектот за реставрација и опремување на основното училиште „Мустафа Кемал Ататурк", кој се реализираше во рамките на соработката на ТИКА и Сојузот на општини на Турција (ТББ).