Акар: „Преземени се мерки за заштита на турските војници во Авганистан“

Ние уште од почетокот ги изнесовме нашите ставови и намери кога станува збор за Меѓународниот аеродром во Кабул

1693842
Акар: „Преземени се мерки за заштита на турските војници во Авганистан“

Министерот за национална одбрана Хулуси Акар рече дека започнала евакуацијата на дел од турските државјани од Авганистан и дека евакуациите ќе продолжат, јавува Агенција Анадолија (АА).

Акар продолжува со состаноците во рамките на 15. Меѓународен саем за одбранбена индустрија (IDEF ’21), кој го отвори турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Турскиот министер се состана со својот колега од Ангола, Жоао Ернест Дос Сантос, а беше потпишан и воен рамковен договор.

На прашањето на новинарот на АА за случувањата во Авганистан и турските војници на Меѓународниот аеродром „Хамид Карзаи“, поставено по церемонијата на потпишување, Акар рече дека внимателно ги следат случувањата

Министерот истакна дека сите активностите на сите оперативни центри при турското Министерство за одбрана од првиот момент се подигнати на повисоко ниво.

„Ние уште од почетокот ги изнесовме нашите ставови и намери кога станува збор за Меѓународниот аеродром во Кабул. Сите ја знаат нашата цел таму. Во согласност со таа цел, во координација сме прво со НАТО, Американците и со другите земји, како во регионот така и надвор од него. Нашата цел е да овозможиме непречена работа на Меѓународниот аеродром 'Хамид Карзаи' во Кабул, за кој сметаме дека е важен за целиот Авганистан и да му служи на целиот Авганистан“, рече Акар.

Додаде дека целта е да се продолжи и со активностите од техничко и административно ниво, и работата на аеродромот, како што е тоа случај во претходните шест години.

„Кога размислуваме за хуманитарната димензија, сметаме дека оваа активност пополнува значителна празнина. Затоа од почеток поставивме барања. Истакнавме дека доколку се исполнат потребните услови, сакаме да ги продолжиме овие активности, кои ги преземавме и претходно“, рече Акар.

Потсети дека поради метежот до кој дојде пред два дена, активностите на аеродромот се привремено суспендирани.

„Потоа припадниците на Оружените сили на Република Турција заедно со припадниците на силите на другите земји ги преземаа неопходните активности и воспоставен е ред. Авионите почнаа безбедно да слетуваат и полетуваат од аеродромот. Во последните два дена извршени се 62 лета“, рече Акар.

Тој додаде дека започнала евакуацијата и на дел од турските граѓани и дека за таа цел се користат авионите на Командата на воздухопловните сили.

„Евакуациите ќе продолжат. Нема никакви проблеми со користењето на аеродромот. Преземени се потребните мерки. Вложуваме напори аеродромот да биде отворен на безбеден начин и да му служи на целиот Авганистан. На состаноците што ќе се одржат дополнително ќе биде разјаснето ова прашање и нашата ситуација, па во согласност со тоа ќе донесеме и конечна одлука“, рече Акар.

Се осврна и на состојбата на турските војници ангажирани на аеродромот.

„Досега немаше никакви напади, вознемирувања или интервенции на аеродромот. Аеродромот во моментов изгледа безбеден, но ситуацијата секогаш може да се промени и ние сме подготвени за тоа. Нашите војници успешно ги завршија своите мисии и продолжуваат да ги извршуваат. За нас најбитна е безбедноста на нашите војници. Ги преземавме и продолжуваме да ги преземаме сите потребни мерки за нивната безбедност. Внимателно ги следиме случувањата“, рече Акар.

Тој додаде дека во никој случај не може да стане збор за загрозување на животите на турските војници на кој било начин.

„Ситуацијата моментално изгледа мирна. Евакуацијата продолжува. Преземени се и понатаму се преземаат сите мерки. Продолжуваме да ја следиме ситуацијата со голема претпазливост, внимателно и со мисла дека ситуацијата може да се промени во секој момент. Подготвени сме да ги спроведеме потребните планови доколку дојде до промена на состојбата“, рече Акар.



Слични вести