Ердоган оствари телефонски разговор со Путин

На средбата позитивно беше оценета работата на турско-рускиот заеднички центар за набљудување

1664370
Ердоган оствари телефонски разговор со Путин

Претседателот Реџеп Тајип Ердоган оствари телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин.

Во соопштението објавено од прес-службата на Кремљ беше наведено дека за време на средбата биле разменети мислења за одлуката на Русија да го започне воздушниот транспорт со Турција и почетокот на снабдувањето со руската вакцина Спутник В.

Во соопштението, во кое беше објавена и информацијата дека претсдетаелите разговарале и за најновата состојба во врска со ситуацијата во Карабах, беше наведено следното:

„На средбата позитивно беше оценета работата на турско-рускиот заеднички центар за набљудување. Претседателот на Турција изрази поддршка за напорите на Русија за обезбедување целосна имплементација на договорите предвидени во изјавите на лидерите на Русија, Ерменија и Азербејџан на 9 ноември 2020 година и 11 јануари 2021 година“.

Во соопштението беше забележано дека и двајцата лидери ја потврдија подготвеноста за продолжување на координацијата, вклучително и економски развој и обновување на транспортната инфраструктура во регионот.

Во соопштението беше наведено дека се разговарало и за прашањата поврзани со решавањето на сириската криза.

„Беше истакнато значењето на заедничките активности на руската и турската армија за спречување на ескалацијата на тензиите во Идлиб и североистокот на земјата и за борба против терористичките групи кои останаа во овие региони“.

Двајцата лидери на средбата постигнаа согласност за продолжување на личните контакти, додека претседателот Путин со претседателот Ердоган ги сподели своите впечатоци за средбата што ја имаше со претседателот на Соединетите Американски Држави (САД) Џо Бајден во Женева, Швајцарија.



Слични вести