Спорот околу аранжманот на седење е некоординираност и небрежност на протоколот во рамките на ЕУ

Никој не може да го преиспитува искуството на Турција како земја домаќин на делегации особено не од аспект на гостопримливоста

1630485
Спорот околу аранжманот на седење е некоординираност и небрежност на протоколот во рамките на ЕУ

Турција во врска со спорот за седење за време на посетата на претседателката на Комисијата на Европската унија (ЕУ) Урсула фон дер Лајен на Турција на почетокот на месецот соопшти дека „Прашањето е резултат на некоординираноста и небрежноста на протоколот во рамките на ЕУ“.

Портпаролот на Министерството за надворешни работи, Танжу Билгич даде писмен одговор на прашањето во врска со дискусиите околу аранжманот на седење што се случи за време на посетата на претседателот на Советот на ЕУ, Шарлс Мишел и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на Турција.

Наведувајќи дека дискусијата нема никаква врска со тоа да се биде проевропски ориентиран, да се биде жена, Истанбулската конвенција и позицијата на Европската комисија, Билгич рече:

„Исто така е бесмислено да бараме намера или злонамера по ова прашање“.

Билгич во писмената изјава истакна дека Турција има длабоко вкоренета дипломатска традиција потенцирајќи:

„Прашањето е резултат на некоординираноста и небрежноста на протоколот на ЕУ. Турција ги исполни барањата што и беа пренесени. Во согласност со универзалните протоколарни регулативи, нема различна примена во протоколарните аранжмани во Турција според полот. Затоа никој не може да го преиспитува дипломатското искуство на Турција како земја домаќин на делегации особено не од аспект на гостопримливоста“.

Изразувајќи го задоволството на Турција што прв пат една жена стана претседател на Европската комисија, Билгич рече:

„Турција смета дека ова претставува важен чекор во зајакнувањето на жените и еднаквите права. Нашиот претседател има блиски и пријателски односи со Урсула фон дер Лајен, засновани на взаемна доверба и почит“.

Изјавувајќи дека дискусијата за аранжманот за седење се должи на внатрешните политички борби на ЕУ и дека тоа го знаат и официјалните претставници на ЕУ, Билгич рече:

„За жалење е тоа што сè уште се користи како материјал за политички дискусии во некои земји во рамките на ЕУ и се поврзува особено со родова дискриминација“.

Билгич истакна дека најважно во сето тоа е заедничката посета на лидерите на двете институции на ЕУ на Турција и содржината и резултатите од посетата.

„Нашата надеж е дека институциите на ЕУ ќе постигнат договор меѓу себе кој нема да предизвика слични проблеми на друго место“ рече Билгич.

Фон дер Лајен во говорот на седницата на Европскиот парламент на 26 април во врска со дискусиите за аранжманот за седење, изјави дека била подложена на вакво однесување затоа што била жена.

„Ако носев костум и вратоврска, дали ќе се случеше ова? Праша фон дер Лајен. „Како жена и како Европеец, се чувствував осамено. Бидејќи не станува збор за аранжман за седење или за протокол. Се работи за тоа кои сме. Се работи за вредностите што ги застапува нашата Унија. Ова покажува колку пат треба да поминеме за да и жените имаат еднаков третман“ рече Фон дер Лејен.



Слични вести