Мевлут Чавушоглу во Анталија се состана со Бесник Тахири и Никола Селаковиќ
Министерот за надворешни работи Мевлут Чавушоглу во Анталија се состана одделно со првиот вицепремиер на Косово Бесник Тахири и со министерот за надворешни работи на Србија Никола Селаковиќ



Министерот за надворешни работи Мевлут Чавушоглу во Анталија кадешто денеска ќе се одржи неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (SEECP) оствари одделни средби со првиот вицепремиер на Косово Бесник Тахири и министерот за надворешни работи на Србија Никола Селаковиќ.
Чавушоглу на споделената објава на својот профил на социјалната мрежа Твитер во врска со средбата со првиот вицепремиер на Косово Бесник Тахири го истакна следното: „Разговаравме за билатерални и регионални прашања. Ги споделуваме чувствата на братскиот косовски народ (по прашањето на оставката на претседателот Хашим Тачи). Веруваме дека ќе биде задоволена правдата. Ќе ја продолжиме нашата поддршка на братско Косово.“
Инаку, претседателот на Косово Хашим Тачи, вчера, откако обвинението за воени злосторства подготвено од страна на Специјализираните совети на Косово (ССК) во Хаг беше прифатено од страна на судот, соопшти дека поднесува оставка од должноста претседател на Косово.
Министерот за надворешни работи Мевлут Чавушоглу во споделената објава на својот профил на социјалната мрежа Твитер во врска со остварената средба со српскиот министер за надворешни работи Никола Селаковиќ истакна дека уште еднаш му честита за новата должност и го напиша следното: „Разговаравме за подготовките за третиот состанок на Советот за соработка на високо ниво. Ќе ја зголемиме нашата соработка во сферите на економијата, транспортот и обраозванието.“