Бројот на загинатите во земјотресот во Измир се зголеми на 111 лица

Бројот на загинатите во земјотресот во Измир се зголеми на 111 лица, 1.027 лица се повредени од кои 883 се излекувани и отпуштени од болница, продолжува лекувањето на 114 повредени, а од рушевините на срушените згради се извлечени живи и спасени 107 лица

1521205
Бројот на загинатите во земјотресот во Измир се зголеми на 111 лица

Управата за елементарни непогоди и итни состојби (АФАД) при Министерството за внатрешни работи соопшти дека бројот на загинатите во земјотресот со јачина од 6,6 степени по Рихтер што се случи во петокот (30 октомври) во градот Измир се зголеми на 111 лица, 1.027 лица се повредени од кои 883 се излекувани и отпуштени од болница, а продолжува лекувањето на 114 повредени лица.

Во земјотресот се срушени 17 повеќеспратни згради од кои во 13 згради се завршени работите за пребарување и спасување, а непрекинато продолжуваат работите во 4 згради кадешто се уште има затрупани граѓани.

Досега од рушевините на срушените згради се извлечени живи и спасени 107 лица.

Министерот за животна средина и урбанизам Мурат Курум истакна дека процесот на рушење на тешко оштетените згради коишто итно треба да се срушат ќе се реализира брзо, а воедно информира дека се завршени работите за рушење на 2 згради.

Курум напомена дека за два дена ќе бидат завршени работите за утврдување на штетите во населеното место Бајракли во Измир, кое што беше најмногу погодено од земјотресот.

Инаку, Управата за елементарни непогоди и итни состојби (АФАД) соопшти дека во петокот (30 октомври) попладне, во 14:51 часот по локално време, е регистриран земјотрес во Егејското Море на 17 километри од брегот на населеното место Северихисар кај градот Измир.

Земјотресот се случи на длабочина од 16,54 километри и беше почувствуван во едно широко подрачје на градот Измир и околината, како и на грчките острови во Егејското Море на чело со островот Сисам (грчки Самос).

Најмногу беа погодени општините Бајракли и Борнова во Измир каде што 17 згради се срушени, а голем број згради се тешко или полесно оштетени.

Во соопштението на Управата за елементарни непогоди и итни состојби (АФАД) се истакнува дека во погоденото подрачје се регистрирани повеќе од 1.600 последователни потреси од кои 44 со јачина од над 4 степени по Рихтер.



Слични вести