Претседателот Ердоган: Државата со сите можности е покрај граѓаните погодени од земјотресот во Измир

Претседателот Ердоган изјави во градот Ван дека државата со сите можности е покрај граѓаните погодени од земјотресот во Измир

1519296
Претседателот Ердоган: Државата со сите можности е покрај граѓаните погодени од земјотресот во Измир

Претседателот Реџеп Тајјип Ердоган, денеска во градот Ван говореше на 7. редовен Конгрес на градскиот огранок на својата владејачка Партија за правда и развој АКП (АК Партијата) што се одржа на „Градскиот стадион Ататурк“.

Претседателот Ердоган истакна дека државата со сите можности е покрај граѓаните погодени од земјотресот во Измир.

Во врска со земјотресот со јачина од 6,6 степени според Рихтер што вчера во попладневните часови го погоди градот Измир и пошироката околина, претседателот Реџеп Тајјип Ердоган го рече следното: „Уште од моментот на земјотресот, министрите, пратениците, сите наши институции, нашата Црвена полумесечина „Кизилај“, нашата Управа за елементарни непогоди и итни состојби (АФАД), сите заедно им отрчавме на помош на нашите браќа во Измир. На нашите граѓани чии станови се срушени во земјотресот во Измир, Иншаллах (со Аллахова помош-дозвола) во најскро време ќе им изградиме нови станови и ќе им ги предадеме.“

Инаку, бројот на загинатите во земјотресот со јачина од 6,6 степени по Рихтер што се случи вчера во Егејското Море во близина на населеното место Сеферихисар кај градот Измир, според последни добиени информации се зголеми на 26 лица, а 831 лице се повредени.

Управата за елементарни непогоди и итни состојби (АФАД) соопшти дека вчера во 14:51 часот по локално време е регистриран земјотрес во Егејското Море на 17 километри од брегот на населеното место Северихисар кај градот Измир.

Земјотресот се случи на длабочина од 16,54 километри и беше почувствуван во едно широко подрачје на градот Измир и околината, па дури и во Истанбул, како и на грчките острови во Егејското Море на чело со островот Сисам (грчки Самос) и во главниот град на Грција Атина.

Најмногу беа погодени населеното место Сеферихисар и општините Борнова и Бајракли во Измир каде што 17 згради беа срушени, а голем број згради беа оштетени.

Засега се завршени работите за пребарување и спасување во 9 од 17 срушени згради, додека непрекинато продолжуваат работите за пребарување и спасување во уште 8 срушени згради кадешто се уште има затрупани граѓани.

Во објавеното соопштение од Управата за елементарни непогоди и итни состојби (АФАД) се истакнува дека во погоденото подрачје се регистрирани повеќе од 500 последователни потреси од кои 35 со јачина од над 4 степени по Рихтер.

Во меѓувреме, министерот за здравство Фахреттин Коџа во дадената изјава во врска со земјотресот го рече следното: „Имаме 26 човечки загуби. 381 лице се наоѓаат на лекување од кои 25 се на интензивна нега. Успешно се завршени уште 4 операции.“

Велејќи дека е завршено лекувањето на 504 повредени граѓани, министерот за здравство Фахреттин Коџа рече: „Со екипите за итна помош 112, тимовите на Националната медицинска екипа за спасување (УМКЕ), нашите амбулантни возила и нашите болници сме на задача во Измир.“

 



Слични вести