Измир погоден од силен земјотрес: Под срушените згради има загинати и повредени

Досега во земјотресот животот го загубија 20 лица, повеќе од 786 лица се повредени, а продолжуваат активностите за пребарување и спасување во уште 13 срушени повеќеспратни згради

1519007
Измир погоден од силен земјотрес: Под срушените згради има загинати и повредени
deprem izmir 2.jpg
deprem izmir 1.jpg

Денеска во попладневните часови се случи земјотрес со јачина од 6,6 степени по Рихтеровата  во Егејското Море во близина на населеното место Северихисар кај градот Измир, во Егејската област на Турција.

Управата за  елементарни непогоди и итни состојби (АФАД) соопшти дека во 14:51 часот по локално време е регистриран земјотресот во водите на Егејското Море, на 17 километри од брегот на населеното место Северихисар кај градот Измир.

Како што се истакнува земјотресот се случил на длабочина од 16,54 километри и бил почувствуван во едно широко подрачје на градот Измир и дури и во Истанбул.

Во населеното место Сеферихисар и во општините Борнова и Бајракли се срушени некои згради.

Според добиени информации од Управата за  елементарни непогоди и итни состојби (АФАД), досега во земјотресот животот го загубија 20 лица, а повеќе од 786 лица се повредени.

Продолжуваат активностите за пребарување и спасување во уште 13 срушени повеќеспратни згради, додека работите во 4 срушени згради се завршени. 

Валијата на Измир Јавуз Селим Ќошгер информира дека од под рушевините на срушените згради досега се извлечени и спасени приближно 70 лица.

Претседателот Реџеп Тајјип Ердоган, веднаш по вестите за земјотресот ја изрази својата поддршка на погодените граѓани.

Претседателот Ердоган истакна дека државата со сите можности и ресурси со коишто располага е покрај погодените граѓани и дека сите надлежни институции и министерства стапија во акција за поддршка и помош.

Според објавеното соопштение од одделот за комуникации на претседателството, претседателот Ердоган во врска со земјотресот во Измир оствари телефонски разговори со претседателот на Управата за  елементарни непогоди и итни состојби (АФАД) Мехмет Ѓуллуоглу, валијата на Измир Јавуз Селим Ќошгер и градоначалникот на Измир Тунч Сојер од чија страна беше информиран за ситуацијата и во врска со активностите за пребарување и спасување коишто продолжуваат во погоденото подрачје.

Потпретседателот Фуат Октај во споделената објава на својот профил на социјалната медија го истакна следното: „Ја доставувам мојата поддршка до нашите граѓани погодени од земјотресот што се случи во Измир и беше почувствуван и во околните градови. Нашата држава е покрај нашите граѓаните со сите свои институции и организации.“

Портпаролот на на претседателскиот кабинет Ибрахим Калин во споделената објава на својот профил на социјалната мрежа Твитер напиша: „Со поддршка до нашите граѓани кои претрпеа штета во земјотресот што се случи во близина на Измир. Нашата држава стапи во акција и е ангажирана со сите свои институции. Од животно значење е да се почитуваат упатствата на надлежните институции за да се помогне во активностите за пребарување и спасување.“

Претседателот на Големото Народно Собрание на Турција (ТБММ) Мустафа Шентоп во споделената објава на својот профил на социјалната медија истакна: „Сите единици на нашата држава се мобилизирани. Ја доставувам мојата поддршка до нашите граѓани во Измир.“  

Шефот на одделот за комуникации на претседателството Фахреттин Алтун во споделената објава исто така на социјалната мрежа Твитер ја достави својата поддршка до сите граѓани погодени од земјотресот.

„Интензивно започнаа активностите за утврдување на штетите и за кревање на рушевините од срушените згради. Нашата држава е покрај нашиот честит народ со сите свои институции и организации.“ - истакна Алтун.

Министерот за животна средина и урбанизам Мурат Курум во врска со земјотресот рече: „Добивме информации за 5 срушени згради во Борнова и Бајракли. Има граѓани кои се затрупани под рушевините. Во склопот на Губернијата е формиран Координационен центар за елементарни непогоди. Сите наши министерства, АФАД се усмерени и ангажирани во Измир и околните населени места. Со мобилизација на сите наши екипи на брз начин ќе ги санираме раните на нашите граѓани.“

Министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу ги сподели следните информации: „Досега се пријавени 6 срушени згради во општините Борнова и Бајракли во Измир. Во Ушак, Денизли, Маниса, Баликесир, Ајдин и Мугла (околни градови на Измир) во зградите има помали пукнатини и досега нема информации за човечки загуби.

Министерот за транспорт и инфраструктура Адил Караисмаилоглу истакна дека по земјотресот не беа доживеани било какви проблеми од аспект на сообраќајот и комуникацијата.

Министерот за енергија и природни ресурси Фатих Донмез информира дека по земјотресот во Измир се усмерени екипи на министерството кон погоденото подрачје.

Министерот Донмез рече: „Нашите екипи се на терен за да не дојде до било какви прекини или проблеми во врска со снабдувањето со енергија.“

Во објавеното соопштение од Министерството за национална одбрана се истакнува дека по земјотресот во Измир е формиран Кризен штаб во Министерството и дека се испратени на задача за активностите за пребарување и спасување 2 хеликоптери на Турските вооружени сили (ТВС).

Министерот за здравство Фахреттин Коџа во споделената објава на својот профил на социјалната медија во врска со земјотресот го напиша следното: „На местото на елементарната непогода се испратени 38 наши амбулантни возила, 35 наши екипи на УМКЕ (Националната медицинска екипа за спасување) и 2 наши амбулантни хеликоптери. Сме покрај народот на Измир со целата наша поддршка. Со сочувство.“

Претседателот на главната опозициска Републиканска народна партија (ЏХП) Кемал Киличдароглу исто така го побара по телефон градоначалникот на Измир Тунч Сојер до кого ја достави својата поддршка поради земјотресот..

Градоначалникот на Измир Тунч Сојер истакна дека добиле пријава за 20-сетина срушени згради.

Валијата на Истанбул Али Јерликаја во споделената објава на својот профил на социјалната медија истакна дека земјотресот е почувствуван и во Истанбул и го напиша следното: „Не се добиени било какви негативности во врска со земјотресот којшто е почувствуван и во Истанбул. Ја доставуваме нашата поддршка до сите наши граѓани и до Измир.“

Според вестите објавени на интернет страницата на  Управата за  елементарни непогоди и итни состојби (АФАД), по главниот потрес почнувајќи од 15:01 часот по локално време се евидентирани голем број последователни потреси со јачина од 4,1 до 4,8 степени.

Надлежни истакнуваат дека земјотресот е почувствуван и во градовите Едирне, Киркларели и Текирдаг во Тракија коишто всушност се прилично далеку од епицентарот на земјотресот.

 



Слични вести