Земјотрес во градот Елазиг во источниот дел на Турција: Има загинати и повредени

Во силниот земјотрес што го погоди градот Елазиг и поширокото подрачје во источниот дел на Турција, со јачина од 6,8 степени по Рихтер, според последни добиени информации животот го загубија најмалку 14 лица, а има и десетици повредени граѓани

1347044
Земјотрес во градот Елазиг во источниот дел на Турција: Има загинати и повредени

Според најновите информации, најмалку 14 лица загинаа во земјотресот со јачина од 6,8 степени по Рихтер кој во 20:55 часот по локално време го погоди градот Елазиг и поширокото подрачје во источниот дел на Турција.

Управата за елементарни непогоди и итни состојби (АФАД) соопшти дека епицентарот на потресот е регистиран во местото Сивриџе, недалеку од градот Елазиг.

„Според досегашните информации, во земјотресот загинаа 14 лица", соопшти АФАД.

Во соопштението се наведува дека осум лица загинаа, а 12 се повредени во градот Елазиг, додека шест лица загинаа а 45 се повредени во  градот Малатија.

АФАД формираше кризен штаб, а од бројни градови ширум Турција во градот Елазиг се упатени голем број спасувачки екипи.

Земјотресот беше почувствуван и во околните  градови Малатја, Дијарбакир, Мардин, Адана, Хатај, Османије, Газиантеп, Тунџели па дури и во подрачјата на северните делови на соседните земји Сирија и Ирак.

Од АФАД исто така е потврдено дека по овој земјотрес се забележни уште 60 дополнителни потреси со послаб интензитет, меѓу кои осум посилни со интензитет од 4.0 по Рихтер. 

Во регионот загрозен со земјотрес на граѓаните им се ставени на располагање јавните домови, спортските сали, интернарите, училиштата и други објекти кои можат да послужат за привремено сместување.

Во меѓувреме, по земјотресот пристигнаа и првите изјави од државниот врв на Турција.

Претседателот Реџеп Тајјип Ердоган порача дека сите надлежни институции и служби ги преземаат сите потребни мерки по земјотресот. 

Ердоган во пораката на Твитер истакна дека сите турски ресорни министерства и институции работат со цел заштита на животот на луѓето и минимизирање на загубите.

„Министрите за урбанизам и животна средина, внатрешни работи и здравство се во подрачјето погодено од земјотресот. Сакам да се знае дека како претседател на државата внимателно ја следам ситуацијата и работата на терен. Сите институции, на чело со АФАД и Црвената полумесечина Кизилај, се покрај нашиот народ“, порача претседателот Ердоган и го изрази своето сочувство за жртвите во земјотресот.

Претседателот на Големото  Народно Собрание на Турција (ТБММ) Мустафа Шентоп изјави дека по вечерашниот земјотрес сите надлежни институции и служби се на терен.

„Најголема желба нѝ е да не расте билансот на загинатите", рече претседателот на Собранието Шентоп.

Во меѓувреме, министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу истакна дека во земјотресот, според досега добиени информации, загинаа 15 лица, а во тек се активностите за пребарување и спасување по уште 30 граѓани. (Агенција Анадолија-АА) 



Слични вести