Калин: „Турција не се откажа од американските авиони F-35"

Веруваме дека кризата ќе се реши порано или подоцна

1267514
Калин: „Турција не се откажа од американските авиони F-35"

Ибрахим Калин, портпаролот на Кабинетот на претседателот на државата Реџеп Тајип Ердоган изјави дека меѓународната заедница би морала да ги преземе потребните мерки за да се спречи новиот мигрантски бран од сирискиот Идлиб.

„Ако меѓународната заедница сака да спречи нов мигрантски бран од Идлиб, мора да ги исполни обврските на политичкиот, хуманитарниот и финансискиот план", рече Калин по состанокот на кабинетот во Анкара со кој претседаваше турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Тој истакна исто така дека Турција не се откажала од американските авиони F-35 и дека нема да биде лесно да се отстрани Анкара од програмата за производство на овие борбени авиони.

„Веруваме дека кризата ќе се реши порано или подоцна", порача Калин во обраќањето пред новинарите.

САД во јули месец го суспендираа учеството на Турција во програмата F-35, истакнувајќи дека турското купување на рускиот противракетен одбранбен систем S-400 би можело да ги загрози нивните борбени авиони, што Турција упорно го негира.

Турција произведува некои делови од борбените авиони F-35, а исто така е партнер во програмата за производство. Исто така претходно предупреди дека секаков напор да се отстрани од производствениот ланец ќе биде скапо платен.

Потсетувајќи на напорите околу воспоставување безбедна зона источно од реката Еуфрат на северот на Сирија, Калин истакна дека Турција, ако се соочи со било какво одолговлекување или недолично однесување на САД, би можела сама да воспостави безбедна зона.

„Не можеме да ги потврдиме информациите кои стигнуваат од американската страна дека теренот е потполно сигурен. Тоа мораме да го потврдиме од сопствени извори", додаде Калин, алудирајќи на турските барања зоната да се ослободи од терористичката група ПКК/ЈПГ.

Турција и американските воени сили во недела ја направија првата заедничка копнена патрола поради формирање безбедна зона источно од Еуфрат на северот на Сирија. Патролата имаше поддршка од воздух од беспилотни летала и хеликоптери.

Турските и американските воени функционери на 7 август се договорија за воспоставување безбена зона на северот на Сирија и создавање мировен коридор со кој би било олеснато движењето на раселените Сиријци кои сакаат да се вратат во своите домови. Исто така, се договорија за воспоставување центар за заеднички операции.

Со договорот е предвидено и поставување неопходни безбедносни мерки поради заканите по турската безбедност, што вклучува чистење на зоната од терористите на ЈПГ/ПКК, организацијата со која САД понекогаш се во сојузнички однос, и покрај приговорите на Турција.

ЈПГ е сириски огранок на терористичката организација ПКК, која во изминатите 30 години е одговорна за смртта на речиси 40.000 луѓе во Турција.



Слични вести