Во Анкара оддадена почит на жртвите од геноцидот во Сребреница

Вчера во Анкара со учество на голем број граѓани се одржа церемонија за сеќавање на жртвите од геноцидот во Сребреница

1234716
Во Анкара оддадена почит на жртвите од геноцидот во Сребреница

Со собир во главниот град на Турција, Анкара, вчера беше одбележана 24. годишнина од геноцидот во Сребреница и е оддадена почит на невините жртви.

Одбележувањето на годишнината од геноцидот во Сребреница во Паркот „Алија Изетбеговиќ“ во општината Кечиорен, го организираа истоимената општина и Амбасадата на Босна и Херцеговина во Анкара.

Амбасадорот на Босна и Херцеговина во Анкара Бакир Садовиќ истакна дека геноцидот во Сребреница е болен настан за народот во Босна и Херцеговина и за сите муслимани.

Садовиќ изјави дека овој датум е одреден како ден на сеќавање на сите шехиди, и додаде дека жртвите, шехидите и нивните семејства не смеат да бидат заборавени, а дека Босна и Херцеговина мора да биде силна за таквата катастрофа повеќе никогаш да не се повтори.

„Турција работи на изградба на мир меѓу народите во Бих и Балканот. Тогаш Турција да ја имаше денешната сила и лидерство, оваа катастрофа сигурно не би се случила во Босна и Херцеговина“, изјави Садовиќ.

Пратеникот Емруллах Ишлер истакна дека геноцидот во Сребреница е варварско злосторство во кое се убиени илјадници муслимани во срцето на Европа и пред очите на целиот свет.

Истакнувајќи дека муслиманските региони се цел на голем број напади, Ишлер изјави дека еден од најголемите такви напади се случи пред 24 години во Босна.

„Турција мора да биде силна, бидејќи кога сме силни, на Балканот и на Блискиот Исток ќе има мир“, порача Ишлер.

Претседателот на локалната управа на општината Кечиорен Тургут Алтинок изјави дека турскиот народ во срцето почувствувал голема болка за време на агресијата на Босна и Херцеговина.

„Во Босна, во заштитената зона на ОН, во срцето на Европа и на прагот на 21-от век се случи геноцид и хуманитарна катастрофа“, изјави Алтинок и додаде дека првиот претседател на Претседателството на Босна и Херцеговина Алија Изетбеговиќ има голема заслуга што денес Бошњаците, Србите и Хрватите живеат во мир.

По одржаните говори, присутните положија цвеќе на Споменикот на шехидите од Сребреница. (Anadolu Agency-AA)



Слични вести