Порака од претседателот Ердоган по повод Светскиот ден за борба против опустинувањето

Ердоган истакна: „Заштитата на морињата, и на подземните и надземните извори на вода, борбата против опустинувањето и изнаоѓањето решение за проблемите како што се климатските промени, би можеле да се остварат со заедничка соработка на целото човештво“

1219852
Порака од претседателот Ердоган по повод Светскиот ден за борба против опустинувањето

На манифестацијата во Конгресниот центар „Congresium“ во Трговската комора на Анкара (АТО) што се одржува по повод „Светскиот ден за борба против опустинувањето“ беше прочитана пораката на претседателот Реџеп Тајјип Ердоган.

Ердоган во оваа своја порака истакна дека заштитата на морињата, океаните и на подземните и надземните извори на вода, борбата против опустинувањето и изнаоѓањето решение за проблемите како што се климатските промени поврзано со глобалното затоплување, би можеле да се остварат со заедничка соработка на целото човештво.

Претседателот Ердоган наведе дека светот се бори против сериозни еколошки катастрофи како што се глобалното затоплување, сушата, жедта, недостатокот од вода, опустинувањето, намалувањето на биолошката разноликост и уништувањето на некои живи видови, а воедно укажа на тоа дека целото човештво треба да соработува за решавање на сиве овие проблеми.

Нагласувајќи дека Турција е доста богата земја од аспект на еколошката разноликост и природните богатства, претседателот Реџеп Тајјип Ердоган во својата порака по повод „Светскиот ден за борба против опустинувањето“ рече: „Ќе работиме sо сета наша сила за да ја разбереме вредноста на ова богатство, на ова наследство и за да го пренесеме ова наследство на нашите идни поколенија, со негово уште повеќе развивање и збогатување.“

Министерот за земјоделство и шумарство Бекир Пакдемирли во својот говор што го одржа по повод  „Светскиот ден за борба против опустинувањето“ истакна дека опустинувањето кое што му се заканува на светот и со секој поминат ден расте, е поопасно и поподло од војната.

Министерот Пакдемирли напомена дека во Турција секоја година им се дава обука и едукација по прашањето на опустинувањето на приближно 100 експерти од околу 50 земји ширум светот.

Генералниот директор за борба против опустинувањето и ерозијата (ЧЕМ) Ахмет Ипек исто така истакна дека борбата против опустинувањето и ерозијата во глобални рамки претставува задолжителност.

По повод „Светскиот ден за борба против опустинувањето“ видео-порака објави и генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Антонио Гутерес во која ја изнесе следната констатација: „ Со заштита на земјата, нејзино подобрување и подобро искористување би можеле да ја намалиме принудната миграција, да ја зголемиме безбедноста на храната и да го поттикнеме економскиот раст.“

 



Слични вести