Ердоган на тројниот самит Турција-Русија-Иран во Сочи: Сирискиот народ очекува радосни вести од нас

Претседателот Ердоган на тројниот самит Турција-Русија-Иран во Сочи истакна дека сирискиот народ кој 8 години како се обидува да се одржи во живот под сенката на оружјето, очекува радосни вести одовде на патот на постигнување политичко решение

1145523
Ердоган на тројниот самит Турција-Русија-Иран во Сочи: Сирискиот народ очекува радосни вести од нас

Денеска во рускиот град Сочи, на црноморскиот брег, се одржа четвртиот троен самит Турција-Русија-Иран.

На отворањето на самитот свои излагања имаа тројцата лидери, претседателот Реџеп Тајјип Ердоган, домаќинот-рускиот претседател Владимир Путин и иранскиот претседател Хасан Рухани.

Претседателот Ердоган истакна дека сирискиот народ кој 8 години како се обидува да се одржи во живот под сенката на оружјето, очекува радосни вести од нас на патот на постигнување политичко решение.

Велејќи „И покрај сите  тешкотии, разидувања во ставовите, па дури и покрај одредени провокации за да не раскарат, со одлучност го зачувавме духот од Астана“, претседателот Ердоган рече: „Онака како што ние водиме борба за стопирање на крвопролевањето во Сирија, други исто така работат тајно и отворено за продолжување на судирите. Делувајќи со разум, предвидливост и компромис досега не им ја дадоме можноста што ја исчекуваат овие средини.“

Ердоган напомена дека Турција застана покрај сирискиот народ во најтешките времиња за него и со сето она што го направи досега за бегалците потроши приближно 35 милијарди долари, доставувајќи помош за нив во секоја сфера.

„Направивме и продолжуваме да правиме се што е во наша можност за да се стекне Сирија во најскоро време со спокојство. Денеска уште еднаш верувам дека ќе им дадеме радосни вести на нашите браќа кои своите надежи ги поврзуваат за овој состанок.“ 

Рускиот претседател Владимир Путин во своето излагање на отворањето на тројниот самит истакна дека режимот без судири се зачувува речиси на целокупната територија на Сирија и рече: „Ова е нашиот заеднички конкретен и позитивен резултат.“

Велејќи дека Русија, Турција и Иран со заеднички напори работат за нормализирање на животот во Сирија, Путин рече: „Треба да се договориме по прашањето на намалување на затегнатоста во Идлиб. Тоа пак не значи дека треба да го толерираме присуството на терористите. Прекинот на огнот не може да претставува оправдување за терористите во Идлиб.“

Рускиот претседател Владимир Путин појасни дека на остварените билатерални разговори биле расгледани и ситуацијата во североисточниот дел на Сирија и одлуката на САД за повлекување од оваа земја.

Тој рече: „Во размената на мислења со господинот Ердоган постигнавме согласност по прашањето на територијалниот интегритет на Сирија.“

Путин наведе дека очекуваат од Обединетите нации (ОН) да одигруваат поактивна улога и рече: „Земјите од светот треба да дадат поддршка без изнесување на услови.“

Владимир Путин додаде дека од големо значење е во кусо време да започне со работа Уставотворниот комитет за Сирија, од чија страна ќе биде напишан новиот Устав.

Иранскиот претседател Хасан Рухани пак во своето излагање истакна дека на остварените билатерални средби било разговарано за значењето на Сирија која е ослободена од странска интервенција и од терористичката закана, а исто така бил нагласен и територијалниот интегритет на оваа земја. 

Рухани рече: „Нашата цел ќе биде да се елиминираат сите терористички организации, развојот на дијалогот и обновата на Уставот, како и враќањето на бегалците назад во своите домови. За жал САД ги заштитуваат терористичките групи во Сирија и Ирак. Со искористување на терористичките структури се обидуваат да ја постигнат својата цел.“

Хасан Рухани додаде дека странските сили и американските сили треба да ја напуштат Сирија.

По своите излагање, тројцата лидери, претседателот Реџеп Тајјип Ердоган, домаќинот-рускиот претседател Владимир Путин и иранскиот претседател Хасан Рухани, преминаа на состанок на тројниот самит.

Состанокот траеше 1 час и 10 минути.



Слични вести