Турција се подготвува за нова антитерористичка операција на северот на Сирија

„Без оглед на тоа што копаат, дали ровови или тунели,кога ќе дојде време, ќе бидат погребани во истите“ рече министерот Акар

1110463
Турција се подготвува за нова антитерористичка операција на северот на Сирија

Министерот за национална одбрана Хулуси Акар рече дека приврзаниците на сепаратистичко-терористичката организација ЈПГ/ПКК кои ја окупираа источната страна на реката Еуфрат во Сирија и ископаа ровови и тунели, ќе бидат погребани во истите.

Во рамките на посетата на Доха, каде што учествуваше на свеченото одбележување на Националниот ден на Катар, министерот Акар изврши смотра на Командата на турските обединети сили во Доха.

По поздравувањето на почесната гарда, министерот Акар во обраќањето до персоналот рече дека Турските вооружени сили во 2017 година извршија две успешни анти-терористички операции и тоа Еуфратски штит и Маслиново гранче.

„Пред нас се наоѓаат Мунбич и Источната страна на Еуфрат“, рече Акар потенцирајќи:

„Моментално пристигнуваат информации дека терористите копаат ровови и тунели во Мунбич и Источно од Еуфрат. Без оглед на тоа што копаат, дали ровови или тунели и ако сакаат нека влезат каде што сакаат, кога ќе дојде време, ќе бидат погребани во истите. Никој не треба да се сомнева во тоа.“

Во освртот на присуството на терористичката организација ПКК на северот на Ирак, Акар рече:

„Во врска со тоа беа извршени воздушни операции како на подрачјето Синџар така и на падините на планината Караџак. Секако дека во рамките на овие операции нашите војници многу внимаваа да не се нанесе штета на невиното цивилно население, поради што ба преземени сите безбедносни мерки и фала му на господ, без да се нанесе штета на невините цивили, беа уништени терористите.“

„Турција во никој случај нема да дозволи Синџар да стане второ упориште за терористите како што тоа беше Кандил.“

Во освртот на случувањата во Егејското и Средоземното море, министерот Акар рече дека „Турција доследно ќе ги брани и штити правата на Турската Република Северен Кипар (ТРСК). Не станува збор за никакви отстапки од правата на земјата и народот. Турција и турскиот народ се на страната на добрососедски односи, мир, пријателство и соработка“ подвлече Акар.



Слични вести