Турција нема проблем со Германија, напротив Германија има проблем со Турција

Од страна на Германија постои опасен тренд на обиди за дискредитација на Турција и претседателот Ердоган

879816
Турција нема проблем со Германија, напротив Германија има проблем со Турција

Шефот на дипломатијата Мевлут Чавушоглу изјави дека во претстојната година очекува подобри односи помеѓу Турција и Германија и додаде дека Турција нема проблем со Германија, туку дека Германија има проблем со Турција. Германија не пропушта ниту една можност да ја напаѓа Турција.

Во интервју за германската новинска агенција „DPA“ (ДПА), министерот за надворешни работи изрази уверување дека и Анкара и Берлин се подготвени за нормализирање на односите, притоа особено го пофали добриот дијалог со својот германски колега Зигмар Габриел.

„Од наша страна, не гледаме никаква криза, но од другата страна постои опасен тренд на обиди за дискредитација на Турција и претседателот Ердоган. Тоа не носи никаква корист, туку само им штети на билатералните односи. Така, кај двете страни се буди омраза“, рече Чавушоглу.

На прашањето во врска со случајот на апсењето и судењето на германскиот новинар во Турција, Чавушоглу изјави дека како претставник на извршната власт не ги коментира судските постапки и работата на правосудството, како и фактот што во германските затвори се наоѓаат над 2.000 Турци.

„Не сум задоволен ниту јас што сè уште не е подигнато обвинение против уапсениот Дениз Јуџел, но од судството ни беше кажано дека случајот е сложен и дека поради тоа истрагата трае подолго. Се товари за тешки обвиненија и од 2015 година нема новинарска акредитација во Турција. Тој не е уапсен како новинар, но кој и да е уапсен во Турција или да се соочува со проблеми, во истовреме во Германија е херој. Германија не е најголемиот заштитник на човековите права во светот и можам да ви изнесам илјадници примери за кршење на човековите права во Германија“, рече Чавушоглу.

Осврнувајќи се и на предупредувањата на германските власти за туристите кои имаат намера да патуваат во Турција, Чавушоглу рече дека и последните избори покажаа значителен раст на популарноста на радикалните политички струи во Германија.

„Германија мора да разбере дека на секој нејзин добар чекор, Турција ќе истапи два чекори напред. Не затоа што е послаба, туку затоа што тоа го сака. Исто така, на секоја закана од Германија, Турција соодветно ќе одговори“, порача Чавушоглу.

Нагласувајќи дека Европската Унија мора да донесе јасна одлука дали ја сака Турција како идна рамноправна членка, Чавушоглу истакна дека повеќето членки на ЕУ го сакаат тоа, а Германија, Австрија и Данска сочинуваат малцинство кое се противи на тој пат.

Чавушоглу повтори дека Турција соработката со Русија не ја гледа како алтернатива на Европската Унија, туку дека Анкара води политика за развивање добри односи со сите што го сакаат тоа.

Истакнувајќи дека Турција минува низ тежок период по обидот за воен удар, Чавушоглу кажа дека и вонредната состојба во Турција ќе биде укината кога ќе се создадат услови за тоа и додаде дека вонредната состојба се однесува само на борбата против терористичките организации.

Тој нагласи дека и германската разузнавачка служба БНД знае и има докази оти обидот за воен удар во Турција е дело на терористичката организација ФЕТО.



Слични вести