Премиерот Бинали Јилдирим по Багдад во посета на Ербил

Премиерот Бинали Јилдирим на меѓународниот аеродром во Ербил беше пречекан со церемонија од страна на премиерот на Регионалната курдска управа на Ирак Нечирван Барзани и други високи функционери

646635
Премиерот Бинали Јилдирим по Багдад во посета на Ербил

Премиерот Бинали Јилдирим по остварените средби и разговори вчера во Багдад денеска престојува во посета на Ербил.

Јилдирим на меѓународниот аеродром во Ербил беше пречекан со церемонија од страна на премиерот на Регионалната курдска управа на Ирак Нечирван Барзани, портпаролот на владата Сефин Дизаји, министерот за внатрешни работи Керим Синџари, министерот за здравство Рекефт Хеме Салих, министерот за образование Пиштиван Садик и претседателот на Одделот за надворешни односи Фелах Мустафа.

Премиерот Бинали Јилдирим во рамките на своите средби и разговори во Ербил ќе се состане со претседателот на Регионалната курдска управа на Ирак Месуд Барзани и со премиерот Нечирван Барзани.

На разговорите се очекува да стане збор за борбата против тероризмот и економски прашања.

Премиерот Бинали Јилдирим вчера престојуваше во посета на Багдад каде што оствари низа средби и разговори во чии рамки се состана и со ирачкиот премиер Хајдар ал Ибади со кого потоа одржаа и заедничка конференција за претставниците на печатот.

Премиерот Бинали Јилдирим истакна дека ќе бидат реализирани неопходните активности со силите Пешмерги и централните ирачки сили по прашањето на исчистување на Синџар од терористичките елементи.

Јилдирим рече: „За нас независно од тоа од чија страна доаѓа тероризмот е ист.“

Премиерот Бинали Јилдирим својот говор го продолжи со следните зборови: „Изјавата која што ја дадовте во изминативе денови во која рековте ’Нема да дозволиме ПКК да и нанесува штета на Турција преку ирачките територии’ е мошне значајна за нас. Почувствувавме големо задоволство од тоа. Тоа пак на најдобар начин покажува што би можеле да направиме заедно против тероризмот.“

Велејќи „Суверенитетот на Ирак е мошне значаен за нас, нема да дозволиме и нема да учествуваме во ниту една иницијатива и активност која што би му наштетила на вашиот суверенитет“, Јилдирим рече: „На ист начин за нас е значаен и територијалниот интегритет на Ирак и сакаме да се знае и тоа.“ 

Премиерот Бинали Јилдирим во врска со турското воено присуство во Башика рече: „Разговаравме и за ова прашање. Тоа на претставува самоволност, туку неопходност. Гледаме дека се постигнува значаен напредок во исчистувањето на областа од ДАЕШ. Согласно тоа ќе изнајдеме пријателско решение и по ова прашање.“

Осврнувајќи се на елементите на терористичката организација ПКК во Синџар во северниот дел на Ирак, премиерот Јилдирим рече: „Силите Пешмерги и централните ирачки сили ќе ги реализираат неопходните активности по прашањето на исчистување на Синџар од терористичките елементи. Независно од тоа од чија страна доаѓа за нас тероризмот е ист. Така да Синџар за нас ја претставува најголемата закана, закана од прв степен, и му благодариме за чувствителноста и на господинот премиер по прашањето на елиминирањето на заканата. И по ова прашање сме подготвени сме да ја реализираме потребната соработка. Не само во Синџар ќе ја продолжиме соработката против терористичките активности насочени кон нашата земја од сите ирачки територии.“

Премиеот Бинали Јилдирим во Багдад се состана и со претседателот на Претставничкото собрание на Ирак Селим Џубури.

Средбата помеѓу Јилдирим и Џубури траеше приближно еден и пол час.

Премиерот Јилдирим потоа се состана и со некои водечки ирачки политички функционери и значајни личности креатори на јавното мислење, како и со претставниците на ирачките Туркменци.



Слични вести