Порака за одлучност во борбата против тероризмот од три политички партии; АКП, ЏХП и МХП

Претседателите на три политички партии: АКП, ЏХП и МХП, Бинали Јилдирим, Кемал Киличдароглу и Девлет Бахчели се состанаа во владиниот дворец на Чанкаја во Анкара каде што разговараа за тероризмот и последните терористички напади во земјата

630404
Порака за одлучност во борбата против тероризмот од три политички партии; АКП, ЏХП и МХП

Претседателот на владејачката АК Партија (Партија за правда и развој АКП) и премиер Бинали Јилдирим, претседателот на главната опозициона Републиканска народна партија (ЏХП) Кемал Киличдароглу и претседателот на Партијата за националистичко движење (МХП) Девлет Бахчели во претпладневните часови се состанаа во владиниот дворец на Чанкаја во Анкара.

На состанокот на трите политички партии беше разговарано за тероризмот и последните терористички напади во земјата.

По средбата која што се одржа зад затворени врати и траеше приближно 2,5 часа тројцата лидери Бинали Јилдирим, Кемал Киличдароглу и Девлет Бахчели дадоа заедничка изјава.

Претседателот на владејачката АК Партија (Партија за правда и развој АКП) и премиер Бинали Јилдирим истакна дека се состанаале за правење заедничка проценка на случувањата кои што се доживуваат во последно време во врска со тероризмот и напомена дека борбата против тероризмот претставува прашање над политиката во Турција.

Јилдирим подвлече дека трите партии и покрај тоа што располагаат со свои различни партиски ставови се едногласни по прашањето на одлучноста во борбата против тероризмот.

Како што рече премиерот Бинали Јилдирим претседателите на ЏХП и МХП истакнале дека ќе го дадат потребниот придонес до крај во законските регулативи кои ќе бидат подготвени по ова прашање и го додаде следното: „Направивме сеопфатни проценки. Ги доставија нивните предлози до нас и ние истите ги забележавме. Беше мошне продуктивна средба.“

Претседателот на главната опозициона Републиканска народна партија (ЏХП) Кемал Киличдароглу истакна дека премиерот Бинали Јилдирим ги информирал во врска со терористичките настани до кои што дојде во последно време и рече: „Постигнавме согласност за заземање заеднички став по прашањето на тероризмот од страна на сите политички партии и потребата од водење на заедничка борба против тероризмот. Ги изнесовме нашите размислувања и ги доставивме нашите предлози. Турција треба да се врати на вообичаената состојба и треба да се стави крај на терористичките акции. Ќе го поддржуваме секој кој ќе биде предводник во оваа борба. Се надеваме дека ќе се спасиме од овие тешки настани.“ 

Претседателот на Партијата за националистичко движење (МХП) Девлет Бахчели истакна дека состанокот се одржа со цел да се направи проценка на борбата против тероризмот во Турција.

Бахчели напомена дека состанокот помина во зрелост што ќе одговори на очекувањата на народот, а воедно додаде дека политичките партии посакале борбата против тероризмот да биде продолжена со децидна и непоколеблива одлучност.

Премиерот Бинали Јилдирим испрати покана до претседателот на Републиканска народна партија (ЏХП) Кемал Киличдароглу и претседателот на Партијата за националистичко движење (МХП) Девлет Бахчели за средба на која ќе се разговара за последните терористички напади на што пристигна позитивен одговор од страна на лидерите на двете политички партии.



Слични вести