„Доследно ќе ја извршувам должноста која што ми е доверена и дадена како аманет“

По изборот за нов претседател на АК Партијата Бинали Јилдирим одржа говор во кој се заблагодари и истакна дека доследно ќе ја извршува должноста која што му е доверена и дадена како аманет

495855
„Доследно ќе ја извршувам должноста која што ми е доверена и дадена како аманет“

На Вториот Вонреден Голем Конгрес на АК Партијата што се одржа вчера во спортската сала Арена во Анкара за нов претседател на партијата е избран пратеникот од Измир  и досегашен министер за транспорт, поморство и комуникација Бинали Јилдирим.

Бинали Јилдирим учествуваше како единствен кандидат за нов претседател на АК Партијата која 14 години како е на власт во земјата.

На гласањето од вкупно 1.470 делегати гласаа 1.411 делегати од кои Бинали Јилдирим доби 1.405 гласа, а 6 гласа беа неважечки.

На тој начин по првиот претседател на АК Партијата (Партијата за правда и развој АКП) и актуелен претседател на Републиката Реџеп Тајјип Ердоган и вториот претседател на партијата Ахмет Давутоглу, трет претседател на АК Партијата стана  пратеникот од Измир  и досегашен министер за транспорт, поморство и комуникација Бинали Јилдирим.

По изборот Бинали Јилдирим одржа говор во кој се заблагодари и истакна дека доследно ќе ја извршува должноста која што му е доверена и дадена како аманет. 

Нагласувајќи дека заедно и со сигурни чекори ќе се напредува кон целта за голема Турција, Јилдирим рече: „Нека е ајирлија и среќен нашиот честит пат и нашиот честит марш. Нашиот пат е патот на лидерот на нашата партија, гласот и здивот на народот Реџеп Тајјип Ердоган.“

Бинали Јилдирим им се заблагодари на десетиците илјади партијци кои ја исполнија салата и оние кои останаа надвор и на сите оние кои работеа за одржување на конгресот, а поготово им се заблагодари на жените за нивното деноноќно работење.

Обрајаќи им се на младите Јилдирим рече: „Млади, вие кои сте наша иднина; АК Партијата над вашите плеќи ќе ги оствари своите цели и својата визија за 2023, 2053 и 2071 година.“  

Бинали Јилдирим својот говор го продолжи со зборовите: „Овој конгрес уште еднаш покажа колку големо и колку силно семејство сме ние и колку се значајни братството, единството, заедништвото и верноста кон својот лидер. На овој конгрес уште еднаш е презентиран пример на една вистинска верност.“

Новоизбраниот претседател на АК Партијата Бинали Јилдирим им се заблагодари и на безбедносните сили кои будно ги бранат територијалниот интегритет и независноста на Турција, работат за спокојството и безбедноста на народот и водат деноноќна борба против тероризмот во југоисточните делови на земјата.



Слични вести