Ибрахим Калин: Алепо гори

Алепо, вториот по големина град на Сирија и културно-финансискиот центар на земјата во последните недели стана жариште на најжестоките судири

489016
Ибрахим Калин: Алепо гори

Војната во Сирија која навлегува во својата петта година полека продолжува да се губи од насловните страници и од светскот дневен ред. Додека светот го свртува своето внимание кон „најновата вест“ масакрот во Сирија продолжува и ги уништува животите, заедниците, историјата, а вон сето тоа и надежите за тоа дека оваа војна ќе заврши и Сиријците повторно ќе ги видат мирот и просперитетот.

Во последните 4 години Сирија во целина го почувствува целиот товар на оваа крвава војна. Меѓутоа Алепо, вториот по големина град на Сирија и културно-финансискиот центар на земјата во последните недели стана жариште на најжестоките судири. Падот на Алепо ќе претставува придобивка од клучно значење за режимот и неговите поддржувачи, меѓутоа оваа состојба ќе ја влоши уште повеќе ионака трагичната хуманитарна ситуација на теренот и ќе принуди десетици илјади нови мигранти да тргнат кон Турција. Но пред се индиферентноста која што ја презентира во последно време светот пред оваа најбезмилосна и ѕверска војна уште повеќе ќе го охрабри Асадовиот режим.

Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН број 2254 усвоена на 18 декември во 2015 година требаше да зацрта една нова рамка и одреден календар за ставање крај на војната, доставување хуманитарна помош и за започнување на неопходниот процес на политичка трансформација за формирање на легитимна, демократска и инклузивна сириска влада. Освен тоа оваа резолуција се очекуваше да помогне и во борбата против терористичката организација ДЕАШ.

Меѓутоа режимот со руска поддршка од воздух и поддршка на групите на шиитската милиција од копно продолжува да ги напаѓа опозиционите цели и цивилите во Идлиб, Алепо и останатите делови на земјата. Оваа резолуција на ОН не можеше да исполни ниту една од овие нејзини цели.

Договорот од Минхен пак за „ставање крај на непријателствата“ постигнат на 11 февруари требаше да ја подготви неопходната основа за разговорите во Женева под водство на ОН. И покрај тоа што договорот на крајот на февруари и во март го намали интензитетот на насилството сега состојбата со секој поминат ден станува се полоша. Згора на тоа е постигнат мошне мал напредок во борбата против ДЕАШ во Сирија и во Ирак.

Досега режимот на Асад како што потврдуваат и функционери на ОН постојано ги прекрши резолуцијата на Советот за безбедност на ОН број 2254 и Договорот од Минхен. Бомбардирајќи ги подрачјата населени со цивили и областите во рацете на опозиционерите во северните делови на Латакија, Алепо и Идлиб продолжува да убива стотици цивили и да го попречува доставувањето на хуманитарната помош до луѓето на кои им е потребна.

Сега режимот своите напади ги засилува врз Алепо. За казнување на цивилното население кое живее во областите под контрола на опозиционерите реализира напади врз училишта, фурни, болници и патишта.

Тоа е една мошне типична руска тактика: Да се бомбардираат не само борците, туку и нивните семејства, домови и насеслени места, со цел тие да се откажат од војување, без притоа да истрела ниту еден куршум.

Опозиција се спротивстави на ова неселективно убивање. Меѓутоа внатре во античкиот град Алепо и околината веќе не постои ниту едно безбедно место. Алепо напредува на патот за да стане еден поинаков град на духови кој на повидок нема никаква надеж. Тоа што е уништен речиси целиот град Алепо претставува трагичен показател на неуспехот што го покажа меѓународната заедница во спасувањето на Сирија и на нејзиниот народ.

Уште од почетокот на сириската војна многумина рекоа дека не постои воено решение за Сирија . Меѓутоа Асадовиот режим и Русија и групите на шиитската милицијаи кои го поддржуваат режимот во Дамаск го докажаа точно спротивното. За промена на текот на настаните ја искористија секој вид воена сила вклучувајќи ги и хемиското оружје, касетните бомби и воздушните напади. Дипломатската иницијатива која што беше започната под водство на САД и Русија беше манипулирана за да се пролонгира животниот век на режимот на Асад и да се обезбеди политичка калкулација за неговите поддржувачи.

Во оваа состојба ДЕАШ продолжува да ги задржува областите кои се наоѓаат под нејзина контрола. Политиката на добивање во време и задоцнување која се следи на разговорите во Женева под водство на ОН продолжува да и помага на оваа терористичка група да се здобие со нови членови и да ја прошири својата сфера на влијание.

Воздушните напади на коалиционите сили апсолутно ја ограничија оперативната способност на ДЕАШ во одредени области на Сирија и Ирак. Меѓутоа главното тело на ДЕАШ се чини дека е сосема силно за да може да реализира нови терористички напади.

Како пример за оваа состојба можат да се изнесат ракетните напади на ДЕАШ врз градот Килис во непосредна близина на границата со Сирија во кои животот го загубија 21 лице. Турските вооружени сили (ТВС) ги бомбардираа целите на ДЕАШ наспроти градот Килис и убија десетици терористи на ДЕАШ. Турските вооружени сили беа поддржани од страна на коалиционите воздушни сили. Турција ќе продолжи да го прави сето она што е неопходно за стопирање на овие ракетни напади. Меѓутоа едноставната вистина е тоа дека се додека Асадовиот режим продолжи да остане на власт и ја продолжи војната на ослабување под маската на мировните преговори, ДЕАШ ќе продолжи да остане како ефикасна сила на теренот.

Двата монструма на војната во Сирија, виновниот режим на Асад и терористичката ДЕАШ, се хранат една од друга и го споделуваат злосторството за уништување на Сирија и нејзиниот народ.

Нападите на режимот на Асад врз Алепо и неговото историско наследство не се помалку варварски од она кое што ДЕАШ го направи минатата година во градот Палмира. Убивањето на жените и децата без да се прави никаква разлика, на лекарите, медицинските сестри и хуманитарните работници, не претставува ништо друго освен воено злосторство и извршено злосторство против човештвото.

Овие случувања се повторување на случувањата во 1990-сетите години во Босна и Херцеговина и единствената разлика е тоа што се поразорувачки и побезмилосни. Тромавоста на светот во стопирањето на геноцидот во Босна продолжува да останува како црна дамка во модерната историја. На ист начин и индиферентноста пред болката и страдањата на сирискиот народ ќе го заземе своето место во историјата и тоа со уште подлабок срам кој што се чувствува во име на човештвото.

Евентуалното паѓање на Алепо ќе биде повеќе од губење на само еден град. Доколку Алепо падне тоа ќе биде пропаст на последната надеж на сирискиот народ за мир, слобода и достоинство. На Асадовиот режим ќе му се предаде уште една кукавичка победа, меѓутоа потрагично и од тоа на сирискиот народ ќе му се даде пораката дека е оставен сам. Доколку ОН, САД и Русија навистина се сериозни во стопирањето на оваа монструозност најпрвин треба да го одвратат режимот на Асад од поткопување на сето она што остана од надежта за постигнување мир, безбедност и просперитет во Сирија.

Преговорите во Женева пак немаат никакво значење додека касетните бомби и воздушните напади горат и уништуваат се во Алепо.

 

Автор на коментарот е Ибрахим Калин, портпарол на претседателот на републиката Реџеп Тајјип Ердоган



Слични вести