Турски печат 13.05.2022

Еве ги позначајните вести за кои известуваат весниците во своите денешни изданија во Турција...

1826270
Турски печат 13.05.2022

Весникот „Ватан“ во веста под наслов „Бомбашки напад врз Генералниот конзулат на Турција во Париз“, истакнува дека неидентификувано лице или лица со рачно изработена бомба извршија напад врз Генералниот конзулат на Турција во Париз, главниот град на Франција. Во нападот беше причинета штета во зградата на генералниот конзулат. Извори соопштија дека како што се дознава одговорноста за нападот ја презеле формации поврзани со сепаратистичко-терористичката организација ПКК.

Весникот „Јени Шафак“ во веста под наслов „Ердоган: Доживеаме гордост во Токио, на ред е Париз“, им одделува место на изјавите на претседателот Реџеп Тајјип Ердоган кој истакна дека Турција на Олимписките игри 2020 во Токио испрати 87 спортисти, што беше организација на која учествуваше со најголем број спортисти во историјата на Паралимписките игри. Нагласувајќи дека турските спортисти на меѓународните првенства освоија голем број медали, претседателот Ердоган рече: „Верувам дека ќе поставиме нов рекорд и во бројот на спортистите и бројот на освоени медали на Олимписките игри 2024 во Париз.“

„Покачена границата за стекнување со турско државјанство“ гласи насловот на веста на страниците на денешниот весник „Хабертурк“, кадешто се истакнува дека е објавена во Службениот весник претседателската одлука со која е зголемен лимитот за стекнување со турско државјанство по пат на купување недвижен имот, од 250.0000 долари на 400.000 долари. Одлуката ќе стапи на сила по еден месец. Со уште една друга направена измена во регулативата, турско државјанство може да добијат странци кои влегуваат во приватниот индивидуален пензиски систем со придонес од најмалку 500.000 долари или противвредност во друга странска валута и остануваат во системот во текот на најмалку 3 години. Одлуката стапи на сила од денеска.

Весникот „Стар“ во веста под наслов „Проект на векот меѓу Турција и Азербејџан“, им одделува место на изјавите на министерот за транспорт и инфраструктура Адил Караисмаилоглу кој истакна дека со пуштањето во употреба на железничката линија и автопатот Зенгезур меѓу Турција и Азербејџан ќе биде ставен во примена коридор што ќе води од Истанбул до Кина. Со овој коридор ќе биде отворен патот пред азиските земји да извезуваат стоки во Европа со ниски трошоци и ќе биде уште повеќе зближен турскиот свет.

Весникот „Сабах“ во веста под наслов „Странските студенти импресионирани од Истанбулскиот Аеродром“, истакнува дека студентите кои студираат воздухопловство и туризам на Универзитетскиот колеџ Бирмингам во англискиот град Бирмингам, за нивната екскурзија за обука го избраа Истанбул. 60 студенти од различни земји во светот беа восхитени и импресионирани од Истанбулскиот Аеродром. „Никогаш не сум видела толку совршен аеродром“ - истакна гостинската студентка од Летонија Аија Буса во врска со нејзината посета на Истанбул и Истанбулскиот Аеродром.

 



Слични вести