Турски печат 29.12.2021

Еве ги позначајните вести за кои известуваат весниците во своите денешни изданија во Турција...

1753989
Турски печат 29.12.2021

Весникот „Сабах“ во веста под наслов „Ердоган: Светот зборува за точката до која стигнавме во одбранбената индустрија“, им одделува место на изјавите на претседателот Реџеп Тајјип Ердоган кој нагласи дека моќта на земјите веќе се мери со нивните високотехнолошки активности. Ердоган рече: „Точката до која стигнавме во одбранбената индустрија, денеска е на дневниот ред на целиот свет“. Претседателот Ердоган истакна дека се повеќе се споделуваат  анализите во однос на тоа дека Турција се наоѓа на чело на земјите кои ја обликуваат иднината на регионот.

Весникот „Хурријет“ во веста под наслов: „Се закажуваат термини за вакцината Турковак“, пишува дека почнаа да се закажуваат термини за домашната вакцина против коронавирусот „Турковак“ која доби одобрение за итна употреба и почна со сериско производство. Со „Турковак“, освен вакцините „Синовак“ и „Бионтек“ на граѓаните ќе им се нуди нова алтернатива за вакцинирање. Домашната вакцина се очекува да почне да се применува оваа недела. Пронаоѓачот на „Турковак“ проф. д-р Ајкут Оздарендели рече: „Претставува мошне сериозен резултат тоа што сите вакцинирани доброволци имаат 100 посто одговор на антитела.“

„Турција собори рекорд во извозот на бор“ гласи насловот на веста на страниците на денешниот весник „Јени Шафак“, кадешто им се одделува место на изјавите на министерот за енергија и природни ресурси Фатих Донмез кој истакнал дека продажбата на бор надмина една милијарда долари со што е соборен рекорд. Министерот Донмез рече: „Од рудата бор во која сме на лидерската позиција во светот започна производството и на литиум што се користи во технологијата за производство на батерии. Сакаме веќе да нудиме работи кои ќе станат светски бренд во енергетските технологии, а особено во технологиите на бор“.

Весникот „Стар“ во веста под наслов: „Рака за помош од Турција до пријателска земја“, пишува дека им се предадени на семејствата становите изградени од страна на Турција за лицата кои останаа без своите домови за време на земјотресот во градот Лач, во Албанија. Албанскиот премиер Еди Рама  нагласи дека станбениот проект во Лач е реализиран со финансиски средства од турската Влада и со покажаната директна заинтересираност на претседателот Реџеп Тајјип Ердоган кого го окарактеризира како „свој пријател“. Имено, претседателот Ердоган веднаш по земјотресот што се случи на 26 ноември 2019 година во градот Лач во Албанија, издаде инструкција за изградба на 500 станови за семејствата кои останаа без своите домови за време на овој земјотрес. 

Весникот „Сабах“ во веста под наслов: „Љубовта на светските ѕвезди кон Истанбул“, информира дека фудбалската ѕвезда на италијанскиот прволигаш Интер Един Џеко заедно и со својата сопруга Амра Силајџиќ и децата, завчера дојде на одмор во Истанбул.  Един Џеко ги посети Аја Софија, Ѓулхане и Капаличаршијата кадешто на шопинг потроши приближно 15.000 евра. Во посета на Истанбул беше и францускиот пејач Вили Вилијам кој го прочу своето име со неговите заеднички проекти со светски познатата пејачка Бијонсе. Вилијам истакна дека претходно неколку пати бил во Турција и дека многу ја сака оваа земја.

 



Слични вести