Турски печат 12.11.2021

Еве ги позначајните вести за кои пишуваат весниците во своите денешни изданија во Турција...

1732872
Турски печат 12.11.2021

Весникот „Јени Шафак“ во веста под наслов „Остри зборови од претседателот Ердоган до Мицотакис“, пишува дека претседателот Реџеп Тајјип Ердоган во врска со изјавите на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис насочени против Турција, го рече следното: „Да се цели кон една земја која згрижува 5 милиони бегалци е во целосна смисла неблагодарност. Можете да го измамите светот, но не можете да ја измамите Турција“. Претседателот Ердоган ги критикуваше и Соединетите Американски Држави (САД) кои ја доведоа Грција во положба на база, во врска со што рече: „Кога поставуваме прашања на оваа тема Џо Бајден и американските функционери не се однесуваат искрено. Соседот што тие го избраа за себе е погрешен сосед.“

Весникот „Сабах“ во веста под наслов „Реакција од Министерството за надворешни работи против Западот во врска со мигрантите“, истакнува дека Министерството за надворешни работи покажа реакција против погрдните изјави насочени против Турција во врска со присутниот миграциски проблем на белоруско-полската граница. Во објавеното соопштение од Министерството се истакнува следното: „Го отфрлуваме обидот Турција да се прикажува како да е дел од проблемот во врска со прашање во кое таа не е страна. Освен тоа, и покрај тоа што на транспарентен начин се споделуваат информации по ова прашање, сметаме дека е намерно да се поставува на цел една наша компанија со глобално реноме како што е Туркиш ерлајнс.“

„Министерот Акар: Турските вооружени сили (ТВС) располагаат со висока технологија со којашто можат да се стекнат мал број армии во светот“ гласи насловот на веста на страниците на денешниот весник „Ватан“, кадешто се истакнува дека министерот за национална одбрана Хулуси Акар во дадената изјава вчера го рече следното: „Турските вооружени сили (ТВС) веќе се здобија со високотехнолошки предности со коишто можат да се стекнат многу мал број армии во светот. Навистина буди гордост нивото до коешто достигнавме со квалификуваните човечки ресурси со коишто располага нашата установа за одбранбена индустрија и екосистемот што го формира.“

Весникот „Хурријет“ во веста под наслов „Европската унија (ЕУ) ја ревидираше својата прогноза за раст на Турција“, пишува дека Европската комисија (ЕК) во својот есенски извештај за европски економски прогнози за 2021 година своето очекување за раст на Турција од 5,2 отсто го зголеми на 9 отсто. 

Весникот „Стар“ во веста под наслов „Историска одлука за Хуркуш од НАТО“, истакнува дека НАТО ја призна Генералната дирекција за цивилно воздухопловство како „авторитет за цивилно воздухопловство“. Заедно со оваа одлука која од страна на министерот за транспорт и инфраструктура Адил Караисмаилоглу е окарактеризирана како „историски чекор“, авионот за воена обука од домашно и национално производство „ХУРКУШ“ одобрен од Генералната дирекција за цивилно воздухопловство, ќе може да се користи со воени цели во армиите на земјите членки на НАТО.

 



Слични вести