Турски печат 08.10.2021

Еве ги позначајните вести за кои пишуваат весниците во своите денешни изданија во Турција...

1716570
Турски печат 08.10.2021

Весникот „Хабертурк“ во веста под наслов „Осуда од Турција до Израел“, пишува дека Министерството за надворешни работи на Турција жестоко ја осуди одлуката на израелскиот суд за „тивко“ извршување на верскиот обред во Месџид-и Акса во Стариот град во Источен Ерусалим (Кудс) кој се наоѓа под еврејска окупација. Во соопштението на Министерството се вели следното: „Ја повикуваме меѓународната заедница силно да се спротивстави на оваа погрешна, незаконска и опасна одлука, како и на сите провокации насочени против Месџид-и Акса.“

Весникот „Хурријет“ во веста под наслов „Велика Британија ја укина одлуката за домашен карантин за лицата кои се вакцинирани со БиоНТек во Турција“, информира дека Велика Британија ќе ги прими сите патници со целосна вакцинација против новиот тип коронавирус (Ковид-19) кои ќе дојдат во земјата од 37 земји, вклучувајќи ја и Турција. Според тоа, ќе бидат ослободени од мерката за 10 дневен домашен карантин и лицата кои се вакцинирани во Турција со вакцини против Ковид-19 кои се одобрени од страна на Велика Британија. За да се смета за целосно вакцинирано едно лице, треба да биде вакцинирано најмалку 14 дена пред да отпатува за Велика Британија , со две дози од една од вакцините Оксфорд/АстраЗенека, Фајзер/БиоНТек, Модерна и Џансен.

„Добиена дозвола за употреба на Турковак како трета доза“ гласи насловот на веста на страниците на денешниот весник „Јени Шафак“, кадешто се истакнува дека Институцијата за лекови и медицински апарати на Турција (TİTCK) издаде одобрение за употреба на домашната вакцина „Турковак“ како засилувачка доза. На лицата кои се вакцинирани со две дози „Синовак“ од вчера како трета доза почна да им се администрира „Турковак“. Применувањето на третата доза вакцина ќе се одвива заедно со третата фаза од испитувањата на домашната вакцина „Турковак“.

Весникот „Стар“ во веста под наслов „Голема инвестиција од Турција во пријателската земја“, истакнува дека Казахстан го соопшти процентот на директните странски инвестирања во земјата во првата половина од годината. Притоа е соопштено дека по Соединетите Американски Држави (САД) и Швајцарија, Турција е трета земја која ги зголеми најмногу своите инвестиции во Казахстан.

Весникот „Сабах“ во веста под наслов „Хуго Бос ќе го зголеми производството во Турција“, пишува дека по епидемијата на новиот тип коронавирус (Ковид-19) Турција се искачи на позиција на неопходен снабдувач без кој се не може за западните компании. Турција почна да го привлекува внимението и со инвестициите коишто ги добива едноподруго од светските гиганти. Последната вест за инвестирање пристигна од германскиот моден гигант „Хуго Бос“ од чија страна е најавено дека следната година ќе вработи уште 1.000 лица во Турција.

 



Слични вести