Турски печат 14.10.2020

Еве ги позначајните вести за кои известуваат весниците во своите денешни изданија во Турција...

1508569
Турски печат 14.10.2020

Весникот „Ватан“ во веста под наслов „Реакцијата на министерот Чавушоглу беше многу остра! 'Кои сте вие' “, пишува дека министерот за надворешни работи Мевлут Чавушоглу на одржаната заедничка прес-конференција со шведската министерка за надворешни работи Ан Линде, на нејзините зборови „Ја предупредуваме Турција да се повлече од Сирија“, покажа многу остра реакција. Чавушоглу рече: „Вие, од кого добивате надлежност да барате од Турција да се повлече од Сирија или да ја предупредувате Турција? Ние не сакаме да ја распарчиме Сирија; меѓутоа Вие, за поддршка на ПКК која сака да ја распарчи Сирија, ѝ велите на Турција да се повлече.“

Весникот „Јени Шафак“ во веста под наслов „Челик: Ерменија разбојнички ги напаѓа цивилите“, им одделува место на изјавите на портпаролот на владејачката Партија за правда и развој (АК Партијата) Омер Челик кој во дадената изјава по одржаниот состанок на Централниот извршен совет (МЈК) на партијата, го рече следното: „Териториите за коишто станува збор се територии на Азербејџан, овде окупатор е Ерменија. Ерменија е таа која отворено го прекршува меѓународното право. Ерменија како разбојничка држава ги напаѓа азербејџанската армија и цивилите. Ние сакаме да го повториме тоа дека стоиме зад секоја мерка што ќе ја преземе Азербејџан. Онака и на начин на којшто сакаат Турција ќе биде покрај нив.“

„Министерот Албајрак: Први сме во ОЕЦД, втори во светот“ гласи насловот на веста на страниците на весникот „Хурријет“, кадешто се истакнува дека министерот за трезор и финансии Берат Албајрак во дадената изјава во врска со соопштените податоци на индустриското производство го рече следното: „Први сме во ОЕЦД, втори во светот! Индустриското производство во август на годишна база оствари раст од 10,4 отсто; обемот на продажба на мало се зголеми за 5,8 отсто, додека индексот на секторски промет на годишна база оствари раст од 23,5 отсто.“

Весникот „Сабах“ во веста под наслов „Туркиш Ерлајнс на второ место во Европа“, пишува дека според податоците на Европската организација за безбедност на воздухопловната навигација (EUROCONTROL), Турската авиокомпанија ТХЈ (Туркиш Ерлајнс) се наоѓа на второ место во Европа меѓу авиокомпаниите кои реализираат најголем број летови, така да повторно го зазеде своето место на челните позиции меѓу водечките авиопревозници.

Весникот „Стар“ во веста под наслов „Донмез: Нашиот брод 'Кануни' ќе отплови кон Црното Море“, им одделува место на следните изјави на министерот за енергија и природни ресурси Фатих Донмез кој во споделената објава на својот профил на социјалната мрежа Твитер, го напиша следното: „Нашиот брод за дупчење 'Кануни' отплови од Мерсин/Ташуџу и поздравувајќи го бродот 'Јавуз' се упати кон пристаништето Хајдарпаша. 'Кануни' овде ќе ги заврши своите подготовки за премин низ Босфорот и ќе отплови кон Црното Море.“



Слични вести