Турски печат 18.03.2020

Еве ги позначајните вести за кои известуваат весниците во своите днеешни изданија овде во Турција...

1380212
Турски печат 18.03.2020

Весникот „Хабертурк“ во веста под наслов „Претседателот Ердоган разговараше со Макрон, Меркел и Џонсон“, пишува дека претседателот Реџеп Тајјип Ердоган синоќа оствари разговор преку видеоконференција со францускиот претседател Емануел Макрон, германската канцеларка Ангела Меркел и британскиот премиер Борис Џонсон. На четворниот самит, освен борбата против коронавирусот беа разгледани и кризата во Сирија, мигрантското прашање и последната ситуација во Либија.

Весникот „Сабах“ во веста под наслов „Турција воведе забрана за летање за уште 6 земји“, иформира дека Турција на превентивните мерки коишто ги презема против новиот тип коронавирус (Ковид-19) додаде уште една нова мерка. Во тие рамки е донесена забрана за летање за уште 6 земји и тоа Велика Британија, Ирска, Швајцарија, Саудиска Арабија, Египет и Обединетите Арапски Емирати. На тој начин бројот на земјите за кои Турција воведе забрана за летање се зголеми на 20 земји.

„Во период кога коронавирусот го зафати светот, Турција повторно стана препорачена земја“ гласи насловот на веста на страниците на весникот „Хурријет“, кадешто се истакнува дека Асоцијацијата на туроператори на Русија (АТОР) меѓу земјите коишто би можеле да се изберат за одмор, земајќи ја во предвид заканата од новиот тип коронавирус (Ковид-19), повторно ја препорача Турција. Асоцијацијата на туроператори на Русија (АТОР) во објавеното соопштение пред извесно време соопшти дека руските туристи поради епидемијата од коронавирусот, во своите планови за одмор почнаа да претпочитаат да ја избираат Турција.

Весникот „Стар“ во веста под наслов „Турска фирма постигна договор со кинески гигант за лекови, за вакцината против коронавирусот“, информира дека турската биотехнолошка фирма „BioNTech“ чиј основачки партнер е турскиот научник проф. д-р Угур Шахин постигна договор за соработка со кинескиот гигант за лекови „Shanghai Fosun Pharmaceutical“ (Fosun Pharma), за вакцината против новиот тип коронавирус (Ковид-19). Согласно овој договор, двете фирми ќе работат заеднички во развивањето на вакцина, реализацијата на клинички тестирања и продажбата.

Весникот „Јени Шафак“ во веста под наслов „Сметките за гас на Турција ќе се намалат за 3 милијарди долари“, пишува дека со движењето на цените на нафтата до крајот на годината по надолна линија со нивно опаѓање до испод 50 долари се предвидува сметката за увоз на природен гас на Турција во 2020 година да се намали за приближно 3 милијарди долари. Како што се истакнува, овој пад ќе создаде оптимистичка слика за земјите увознички на природен гас, а ќе ги намали приходите на земјите кои извезуваат природен гас.



Слични вести