Турски печат 08.01.2020

Еве ги позначајните вести за кои известуваат весниците во своите денешни изданија овде во Турција...

1336587
Турски печат 08.01.2020

Весникот „Хабертурк“ во веста под наслов „Изјави од портпаролот во претседателскиот кабинет Ибрахим Калин“, им одделува место на изјавите на портпаролот во претседателскиот кабинет Ибрахим Калин кој рече дека приоритет на Турција во Либија е да се постигне прекин на огнот. Калин во дадената изјава вчера додека се уште продолжуваше состанокот на претседателскиот кабинет го рече следното: „Нашиот приоритет во Либија е што поскоро да престанат судирите, да се прогласи прекин на огнот и Хафтар да се врати на својата позиција во месец април.“

Весникот „Ватан“ во веста под наслов „На границата на Турција се преселени 31 илјада лица“, пишува дека поради нападите на режимот на Асад, Русија и групите поддржани од Иран врз подрачјето на градот Идлиб, во северозападниот дел на Сирија, во близина на границата на Турција се преселени уште 31 илјада цивили. На тој начин, бројот на оние кои бегаат од нападите на режимот и на Русија во областите во близина на сириско-турскиот граничен појас достигна до 359 илјади 471 лице.

„Депортиран еден терорист државјанин на САД“ гласи насловот на веста на страниците на весникот „Стар“, кадешто се истакнува дека вчера е депортиран во неговата матична земја еден терорист државјанин на САД. Во објавеното соопштение од Министерството за внатрешни рабиоти се вели дека продолжува процесот на предавање  на странските терористички борци на нивните матични земји, во чии рамки вчера е депортиран еден терорист, државјанин на САД.

Весникот „Хурријет“ во веста под наслов „Министерот Турхан: Бројот на патници кои го користат воздушниот превоз изнесува над 209 милиони“, им одделува место на изјавите на министерот за транспорт и инфраструктура Џахит Турхан кој истакна дека на аеродромите во Турција минатата (во 2019) година заедно и со директните транзитни патници им е дадена услуга на 209 милиони патници. Министерот Турхан рече дека минатата година и прометот на товар (карго, пошта и багаж) на аеродромите во Турција достигна до 3 милиони 436 илјади 423 тони од кои 819 илјади 540 тони на домашни линии и 2 милиони 616 илјади 883 тони на меѓународни линии.

Весникот „Сабах“ во веста под наслов „Турција минатата година и продаде најмногу лешници на Италија“ информира дека Турција која го држи во свои раце поголемиот дел од производството и пазарот на лешници во светот, во 2019 година најмногу лешници и продаде на Италија. Според тоа, Турција минатата година во 121 земја  извезе 319 илјада 772 тони лешници и од тоа  заработи приходи во вкупен износ од 2 милијарди 28 милиони 727 илјади долари. На Италија и беа продадени 83 илјади 898 тони лешници во износ од 547 милиони 588 илјади долари.



Слични вести