Турски печат 13.12.2019

Еве ги позначајните вести за кои известуваат весниците во своите денешни изданија овде во Турција...

1322604
Турски печат 13.12.2019

Весникот „Јени Шафак“ во веста под наслов „Ибрахим Калин: Не е важечка“, им одделува место на изјавите на портпаролот во претседателскиот кабинет Ибрахим Калин кој во врска со усвојувањето во Сенатот на Соединетите Американски Држави (САД) на нацрт одлуката со која ерменските тврдења за настаните од 1915 година се прифаќаат како геноцид, го рече следното: „Оваа неважечка одлука нема да влијае на праведниот и одлучен став на Турција во никоја сфера, политичка, воена и економска. Калин во својата објава на својот официјален профил на Твитер го напиша следното: „Жестоко ја осудуваме и негираме одлуката на Сенатот на САД со која ваквото искривоколчено сфаќање на историјата се искористува за мали политички пресметки. Оваа неважечка одлука, нема да влијае на праведниот и одлучен став на Турција во никоја сфера, политичка, воена и економска.“

Весникот „Хурријет“ во веста под наслов „Чавушоглу: Израел никогаш нема да го оствари својот сон“, пишува дека министерот за надворешни работи Мевлут Чавушоглу во својот говор што го одржа на состанокот што се одржа вчера во главниот град на Мароко, Рабат, а по повод одбележувањето на 50 годишнината од формирањето на Организацијата за исламска соработка (ОИС), истакна дека единствената надеж за обезбедување на правата на палестинскиот народ е да се воспостави единството меѓу муслиманите и рече: „Израел никогаш не ќе може да го оствари својот сон за етничко чистење на палестинската татковина и за создавање на расистички режим.“

„Петнаесета заедничка копнена патрола од Турција и Русија“ гласи насловот на веста на страниците на весникот „Стар“, кадешто се истакнува дека турските и руските војници  ја реализираа петнаесетата заедничка копнена патрола во делот Расулајн-Камшили, источно од реката Еуфрат, во североисточниот дел на Сирија. Заедничката копнена патрола во делот Расулајн-Камишли, беше реализирана според планираното, со по 4 возила и од двете страни, на маршрута на длабочина од 6 километри и во должина од 48 километри.

Весникот „Сабах“ во веста под наслов „Бродовите за крстарење 'Marella Dream' и 'Amera', во Анталија“, информира дека бродовите за крстарење, крузери, „Marella Dream“ и „Amera“ кои пловеа под знамето на Бахамите, вчера пристигнаа во познатото туристичко одморалиште Аланја, кај Анталија. Како што беше истакнато на бродот „Marella Dream“ се наоѓале 1.454 туристи од кои повеќето Англичани и 605 членови на посадата. На вториот крузер „Amera“ кој исто така се укотвил во пристаништето на Аланја, се наоѓале 398 патници од кои повеќето Германци и 426 членови на посадата. Туристите кои слегле од овие два големи бродови за крстарење, крузери, по царинските постапки,  ги посетиле чаршијата на Аланја, калето на Аланја и културно-историските и туристичките знаменитости на ова наше познато туристичко одморалиште на средоземноморскиот брег.

Весникот „Хабертурк“ во веста под наслов „Одлука од УЕФА за војничкиот поздрав“, информира дека Сојузот на европски фудбалски асоцијации УЕФА соопшти дека нема да се изрече казна во врска со војничкиот поздрав на фудбалерите на турската репрезентација,  по постигнатите голови на одиграните натпревари. УЕФА, не и изрече било каква казна на Турција во покренатата истрага во врска со војничкиот поздрав на фудбалерите на турската репрезентација по постигнатите голови на натпреварите со Албанија и Франција, на квалификациите за Европското фудбалско првенство во 2020 година (ЕВРО 2020).



Слични вести