Турски печат 03.10.2019

Еве ги позначајните вести за кои известуваат весниците во своите денешни изданија овде во Турција...

1280913
Турски печат 03.10.2019

Весникот „Сабах“ во веста под наслов „Нема премин за тактиките на одолговлечување по прашањето на формирање на безбедна зона“, им одделува место на изјавите на министерот за национална одбрана Хулуси Акар кој истакна дека нема да се дозволат одолговлечувањата по прашањето на формирање на безбедна зона во северниот дел на Сирија за што е постигната согласност со САД. Министерот Хулуси Акар рече: „Ако има одолговлечување, задоцнување по прашањето на формирање на безбедната зона, со иста тактика како што беше направено претходно, овие активности (заедничките активности со САД) ќе завршат. Ние сме крајно одлучни во тоа.“

Весникот „Хабертурк“ во веста под наслов „Извозот во септември изнесува 15 милијарди 220 милиони долари“ пишува дека министерката за трговија Рухсар Пекџан истакна дека извозот во септември минатата година со раст од 22,7 отсто го постигна својот најголем раст и рече: „Овој месец го доловивме тој раст и малку го поминавме. Нашата бројка во остварениот извоз во месец септември изнесува 15 милијарди 220 илјади долари. Оваа бројка изнесува повеќе од 15,7 отсто во споредба со бројките на извозот од септември минатата година. Нашиот извоз во првите 9 месеци со раст од 2,56 отсто достигна до 132 милијарди 505  милиони долари.“

Весникот „Хурријет“ во веста под наслов „Продажбите на автомобили со раст од 100 посто“, пишува дека по намалувањето на каматната стапка од страна на Централната банка, откако беа намалени и каматите на индивидуалните кредити од страна на државните и приватните банки, дојде до пораст во продажбата на автомобили во месец септември и тоа за 100,67 посто во споредба со истиот месец, минатата година. Така продажбата на автомобили во септември на годишна база со раст од 100.67 посто достигна до 35.308 автомобили, додека продажбата на лесни комерцијални возила со раст од 23,03 посто се зголеми на 6.684 возила.  

„Формирана фирмата Volkswagen Turkey“ гласи насловот на веста на страниците на весникот „Ватан“, каде што се истакнува дека германската автомобилска фабрика „Фолксваген“ формира фирма во градот Маниса со капитал во износ од 943,5 милиони турски лири (приближно 164,6 милиони долари). Согласно тоа, германскиот автомобилски концерн “Фолксваген“ во Маниса ќе инвестира 1,4 милијарди евра. Фирмата  е формирана со цел дизајнирање, производство и монтажа на автомобили, камиони и секој вид моторни возила и превозни средства, дизајнирање, производство и монтажа на нивните делови и компоненти и продажба, увоз и извоз на сиве овие производи, како и водење на сите други активности во оваа сфера.

Весникот „Стар“ во веста под наслов „Средба на традиционалните спортови и култури на Фестивалот Етноспор“, информира дека оваа година се одржува четвртиот Фестивал за култура Етноспор кој инаку има голем придонес во распространувањето на традиционалните игри од целиот свет до широките маси. На годинашниот Фестивал Етноспор кој ќе се одржи од 3 до 6 октомври на Аеродромот Ататурк во Јешилќој, во Истанбул, ќе учествуваат 16 земји. Како прва цел во Етноспор се истакнува зачувувањето на традициите специфични на народните култури. На Фестивалот Етноспор ќе се одржат натпревари во 12 традиционални спортски гранки, а некои од нив се традиционално стрелаштво, натпревари во борење, џирит на коњ, ќоќбору, стрелаштво на коњ и пато. 



Слични вести