Турски печат 24.06.2019

Еве ги позначајните вести за кои известуваат весниците во своите денешни изданија овде во Турција...

1223808
Турски печат 24.06.2019

Весникот „Хурријет“ во веста под наслов „Претседателот Ердоган: Нека е ајирлија за Истанбул“, пишува дека претседателот на државата и воедно претседател на владејачката Партија за правда и развој АКП (АК Партијата) Реџеп Тајјип Ердоган посака одржаните повторени избори за градоначалник на Истанбул да послужат за добро и да бидат ајирлија за Истанбул и му честита на Екрем Имамоглу кој според неофицијални резултати победи на изборите.  Претседателот Ердоган рече: „Исто како и порано и во наредниот период во единство и заедништво ќе чекориме кон целите за 2023 година, без притоа да отстапиме од демократијата, владеењето на правото, мирот, независноста и просперитетот.“

Весникот „Јени Шафак“ во веста под наслов „Претседателот на Собранието Шентоп: Уште еднаш манифестира националната волја“, информира дека претседателот на Големото Народно Собрание на Турција (ТБММ) Мустафа Шентоп истакна дека одржаните избори на 23 јуни уште еднаш резултираа со демократската зрелост на Турција и со одразот на националната волја. Шентоп во објавата што ја сподели на социјалната мрежа Твитер напиша: „Демократијата, со одразот на националната волја под здрави и еднакви услови, постои со одржување на отворени и транспарентни избори без било какво двоумење по ова прашање. Нашиот народ го направи својот избор за Истанбул, нека е ајирлија. По тој повод, му честитам на Екрем Имамоглу за добиените избори за градоначалник на Истанбул; Посакувам да врши добри услуги за Истанбул.“

„Имамоглу: Спремен сум да работам во усогласеност“ гласи насловот на страниците на весникот „Сабах“, каде што им се одделува место на изјавите на кандидатот на Републиканската народна партија (ЏХП) Екрем Имамоглу кој според неофицијални резултати победи на изборите за градоначалник на Истанбул. Имамоглу рече: „Изборите ги доби Истанбул. Отворена е нова страница.“ Велејќи дека извојуваната победа на изборите за градоначалник на Истанбул претставува задача за него која ќе ја извршува со гордост, Екрем Имамоглу рече: „Ќе работам без да правам никаква разлика меѓу луѓето. Господине претседателе, јас сум подготвен да работам во усогласеност со вас.“

Весникот „Стар“ во веста под наслов „Синот на Мурси, Абдулах, му се заблагодари на Ердоган“, информира дека семејството на Мухамед Мурси, кој го загуби животот во судницата и кој беше првиот избран претседател на Египет по пат на демократски избори, им се заблагодари на сите оние кои не го оставија насамо семејството, а пред се упати благодарност до претседателот Реџеп Тајјип Ердоган. Синот на Мурси, Абдулах, укажа на тоа дека милиони луѓе ширум светот клањаа џеназе намаз во отсуство за неговиот татко, и рече: „Историјата не била сведок на еден ваков настан“. Синот на Мухамед Мурси, Абдулах рече: „Им благодариме на сите, а особено на господинот Ердоган, на катарскиот емир Шеикот Тамим бин Хамад Ал Тани и неговиот татко, на малезиската влада и на поранешниот туниски претседател Мунсиф ел-Мерзуки.“

Весникот „Ватан“ во веста под наслов „Тежок удар врз терористичката организација! Расте бројот“, пишува дека бројот на неутрализираните терористи во северниот дел на Ирак каде што во областа Хакурк продолжува и операцијата „Шепа“ („Pençe“), се зголеми на 96. Командосите кои ги продолжуваат активностите за пребарување на теренот во областа Хакурк на северот на Ирак открија пештера со 8 соби која била користена од страна на сепаратистичко-терористичката организација ПКК. Во реализираните пребарувања во пештерата беа запленети големи количини оружје и муниција, како и материјали за обезбедување на животните потреби на терористите.

„Анталија пречека за два пати поголем број туристи од своите жители“ гласи насловот на веста на страниците на весникот „Јени Шафак“, каде што се вели дека бројот на туристите кои дојдоа во Анталија, престолнината на туризмот, по воздушен пат, заклучно со 22 јуни оваа година, достигна до 4 милиони 943 илјади 637 лица. Градот, како една од најзначајните туристички дестинации во светот, за 5 и пол месеци пречека приближно за два пати поголем број странски туристи од своите жители. Во градот оваа (2019) година за 5 и пол месеци допатуваа туристи од 180 земји. Анталија минатата (2018) година пречека приближно 14 милиони странски туристи и се претпоставува дека во 2019 година ќе постигне нов рекорд.

Весникот „Хурријет“ во веста под наслов „Кон флотата на Туркиш Ерлајнс се приклучуваат нови авиони“, пишува дека кон флотата на Турската авиокомпанија ТХЈ (Туркиш Ерлајнс) ќе бидат приклучени 30 нови авиони од типот Ербас 350-900 и 30 авиони од типот Боинг 787-9. Освен тоа на 25 јуни кон флотата ќе биде приклучен и првиот „авион од соништата“ од типот Боинг 787-9 Дримлајнер. Оваа година 3 авиони Дримлајнер ќе му бидат предадени на Туркиш Ерлајнс во јули, а останатите 2 во август. Авионот Боинг 787-9 Дримлајнер својот прв лет ќе го реализира на 8 јули кога ќе лета од Истанбул за Анкара. Датумот на предавање на Туркиш Ерлајнс на првиот авион од типот Ербас 350 пак, ќе биде во март идната (2020) година.

Весникот „Сабах“ во веста под наслов „Ипек Сојлу, шампионка во Португалија“, информира дека турската тенисерка Ипек Сојлу извојува победа на турнирот „Foz International Ladies Open“. Ипек Сојлу во финалето играше со канадската треторангирана тенисерка Кетрин Себов и победувајќи ја својата противничка со 6:7, 7:6 и 6:3 во сетови го освои пехарот на одиграниот турнир во португалскиот град Фигуеира Да Фоз. На тој начин турската тенисерка Ипек Сојлу освен оваа нејзина победа во Португалија, во оваа сезона освои уште 3 турнири од кои 2 во Египет и 1 во Тајланд. Ипек Сојлу со овој последен освоен турнир ја извојува својата 12'та победа во поединечна конкуренција во својата кариера.



Слични вести