Турски печат 20.06.2019

Еве ги позначајните вести за кои известуваат весниците во своите денешни изданија овде во Турција...

1221648
Турски печат 20.06.2019

Весникот „Хурријет“ во веста под наслов „Прва изјава од Турција во врска со извештајот на ОН за Кашикчи“, и одделува место на изјавата на министерот за надворешни работи Мевлут Чавушоглу кој истакна дека Турција силно ги поддржува препораките на специјалната известувачка на Обединетите наци (ОН) Агнес Каламард за обелоденување на убиството на саудискиот новинар Џемал Кашикчи (Џамал Кашоги) и за полагање сметка на одговорните за ова убиство.

Весникот „Ватан“ во веста под наслов „Уште еден нанесен удар врз терористичката организација“, пишува дека според објавеното соопштение од страна на Министерството за внатрешни работи, во реализирана операција на единиците на Командата на жандармеријата поддржана и од воздух во руралното подрачје на градот Тунџели, се неутрализирани тројца терористи.

„Се појавија новите снимки на првиот 'авион од соништата' на Туркиш Ерлајнс“ гласи насловот на веста на страниците на весникот „Сабах“, каде што се вели дека се објавени снимките од кабината на првиот патнички авион Боинг 787-9 Дримлајнер на Турската авиокомпанија ТХЈ (Туркиш Ерлајнс), кој е познат и како „авион од соништата“. На снимките привлекоа внимание особено седиштата од бизнис класа на овој патнички авион со капацитет за 300 патници. Во веста се истакнува дека како што се дознава патничкиот авион Боинг 787-9 Дримлајнер ќе пристигне во Истанбул на 25 јуни во вторник и својот прв лет во Турција ќе го оствари на 8 јули во 08:35 часот според турско време, кога ќе полета од Истанбул за Анкара. 

Весникот „Хабертурк“ во веста под наслов „Крузерски туризам во Мармарис“, пишува дека бродот за крстарење (крузер) по име „Horizon“ кој што плови под знамето на Малта и на кој се наоѓаа 1460 патници од кои повеќето Шпанци, како и 615 членови на посадата, се укотви во пристаништето на Мармарис. По царинските постапки патниците ги прошетаа чаршијата, внатрешното кале „Калеичи“ и јатското пристаниште на познатото туристичко одморалиште Мармарис. Некои од туристите седеа и по кафетериите, а некои беа на шопинг.

Весникот „Стар“ во веста под наслов „Во Русија започнаа Деновите на турската кинематографија“, пишува дека завчера во градот Санкт Петербург во Русија започнаа „Деновите на турската кинематографија“ кои што се одржуваат во организација на Институтот Јунус Емре во Москва. Во рамките на манифестацијата ќе бидат прикажани пред љубителите на кинематографијата во Русија 7 филмови со титлуван превод на руски јазик.



Слични вести