Турски печат 12.04.2019

Еве ги позначајните вести за кои известуваат весниците во своите денешни изданија овде во Турција...

Турски печат 12.04.2019

Весникот „Сабах“ во веста под наслов „Русија: Некои компоненти на С-400 би можеле да се произведат заедно со Турција“, им одделува место на изјавите на портпаролот на претседателскиот дворец на Русија, Кремљ, Дмитриј Песков кој истакна дека Русија и Турција ја разгледуваат можноста за заедничко производство во Турција на некои компоненти на ракетно одбранбениот систем С-400. Песков рече: „Не станува збор за заедничко производство на сите компоненти на С-400, тоа е нов вид оружје. Меѓутоа, секако дека би можело да стане збор за производство во Турција на некои компоненти, на база на делови.“

Весникот „Хабертурк“ во веста под наслов „Ќе се развијат уште повеќе трговските односи помеѓу Турција и Германија“ пишува дека Германија стана земја во која Турција во месец февруари оствари најголем извоз и тоа во висина од 1 милијарда 225 милиони долари. Претседателот на Германско-турската трговска и индустриска комора (АХК Турција) д-р Маркус К. Слевогт рече дека трговијата помеѓу Турција и Германија се одвива на мошне добро ниво. Велејќи дека во наредниот период во трговскиот обем помеѓу двете земји се очекува раст во полза на Турција, Слевогт рече дека со трговски обем од 36,5 милијарди долари и двете земји се најзначајни партнери во надворешната трговија. Слевогт напомена дека трговијата помеѓу двете земји ќе се развива уште повеќе се додека се нудат поволни стоки и услуги.

„Средба на турскиот и американскиот деловен свет“ гласи насловот на веста на страниците на весникот „Хурријет“, каде што се истакнува дека заедничката годишна конференција TAİK-ATC која што годинава се одржува по 37’ми пат, во организација на Советот за надворешно економски односи (DEİK) и Турско-американскиот совет (TAİK) и Американско-турскиот совет (ATC), ќе се одржи од 14 до 16 април во Вашингтон. На конференцијата ќе се состанат високи функционери на голем број компании, од компанијата Рајтеон која ги произведува ракетите Патриот, до Епл и Џенерал Електрик. Притоа ќе биде држено светло на турско-американските односи, а се очекува на конференцијата да учествува и Џаред Кушнер, главниот советник на американскиот претседател Доналд Трамп.

Весникот „Јени Шафак“ во веста под наслов „Познати земјите во кои туристите трошат најмногу“, информира дека според податоците на дигиталната медиумска институција „Вижуал Капиталист“ (Visual Capitalist) од чија страна се споделуваат детални табели, графики и податоци со интересни содржини на глобално ниво, странските туристи во 2017 година во Турција потрошиле 22,5 милијарди долари. Со оваа бројка Турција се најде на 14’сетото место на списокот на земјите во кои странските туристи трошеле најмногу. Оваа бројка е највисока во Соединетите Американски Држави (САД) каде што странските туристи потрошиле 210,7 милијарди долари. Други земји во кои странските туристи трошеле најмногу се: Шпанија, Франција, Тајланд, Италија и Обединетото Кралство.

Весникот „Стар“ во веста под наслов „Телескопите на опсерваторијата ќе бидат свртени кон небото, за Марс“, пишува дека планетата Марс, втора најмала планета во Сончевиот систем и четврта најблиска планета до Сонцето, кога станува збор за големиот број спроведени истражувања за можност од постоење на живот освен на планетата Земја, ја привлекува најмногу  заинтересираноста на љубителите на астрономијата. Опсерваторијата Креикен при Анкарскиот Универзитет, на манифестацијата отворена за народот што ќе ја одржи на 13 април, на љубителите на небото ќе им овозможи да ги набљудуваат со телескопи планетата Марс и Месечината. На манифестацијата, граѓаните со помош на телескопите во опсерваторијата ќе можат да ги набљудуваат небесните тела.



Слични вести