Турски печат 10.04.2019

Еве ги позначајните вести за кои известуваат весниците во своите денешни изданија овде во Турција...

Турски печат 10.04.2019

Весникот „Ватан“ во веста под наслов „Удар ‘Шепа’ врз терористичката организација“, пишува дека според објавеното соопштение од Министерството за национална одбрана, во реализирана воздушна операција е неутрализиран терористот Мехмет Сојсурен кој се наоѓаше на списокот на барани терористи од „црвената категорија“ и беше едниот од таканаречените главни водачи на сепаратистичко-терористичката организација ПКК. Во соопштението се вели дека во операцијата се погодени приближно 20 терористички цели.

Весникот „Хабертурк“ во веста под наслов „Министерот за култура и туризам Мехмет Нури Ерсој: Ги освоивме срцата на Русите“, информира дека министерот за култура и туризам Мехмет Нури Ерсој во Театарот Бољшој во главниот град на Русија, Москва, ја гледаше Операта Троја која беше прикажана во рамките на „2019 година на културата и туризмот помеѓу Турција и Русија“. Министерот Ерсој во врска со претставата рече: „На свечената вечера по повод отворањето на Турско-руската година на културата и туризмот, со претставата „Троја“ во Театарот Бољшој ги освоивме срцата на Русите. Гледачите неколку минути аплаудираа на нозе. Затворањето на годината на културата и туризмот ќе се одржи со една руска изложба во Пера во Истанбул.“

„Филмот ‘Сладолед на турски начин’ на турнеја по светот“ гласи насловот на веста на страниците на весникот „Хурријет“ каде што се вели дека филмот „Сладолед на турски начин“ во кој се раскажува за борбата на двајца Турци за својата земја, за време на Првата светска војна, кои во тие години живеат во Австралија, ќе биде прикажан пред љубителите на кинематографијата во Европа. Филмот во режија на Џан Уткан, адаптиран од една вистинска животна приказна, на 11 април ќе почне да се прикажува во Германија, Австрија, Белгија, Данска, Франција и Холандија.

Весникот „Сабах“ во веста под наслов „Туркиш Ерлајнс, вчера на Истанбулскиот Аеродром пречека 103 илјади 850 патници“, пишува дека Турската авиокомпанија ТХЈ (Туркиш Ерлајнс) вчера на Истанбулскиот Аеродром им пружаше услуга на 103 илјади 850 патници. Генералниот директор на Турската авиокомпанија ТХЈ Билал Екши изјави дека авиокомпанијата вчера на Истанбулскиот Аеродром оствари вкупно 565 летови од кои 294 појдовни и 271 дојдовни. Билал Екши рече: „Пружевме услуга на вкупно 103 илјади 850 патници. Сé се одвива добро, а ќе биде уште подобро.“

Весникот „Стар“ во веста под наслов „Во Анталија пронајден 3.600 годишен потонат брод“, информира дека во Анталија е пронајден 3.600 годишен потонат брод. Потонатиот брод долг 14 метри во кој имало бакарни шипки се претпоставува дека бил трговски брод од времето на бронзеното доба. Според добиени информации од губернијата на Анталија, се мисли дека бакарните шипки пронајдени во бродот биле излеани во калапи во 16-от или 15-от век пред новата ера од бакарот кој што бил експлоатиран од рудниците на Кипар. Бродот оттука пловел за некое од пристаништата на островот Крит или на егејскиот брег и притоа што бил зафатен од бура и потонал.   



Слични вести