Турски печат 08.04.2019

Еве ги позначајните вести за кои што известуваат весниците во своите денешни изданија овде во Турција...

Турски печат 08.04.2019

Весникот „Хурријет“ во веста под наслов „Реакција од Ибрахим Калин против Нетанјаху“, пишува дека портпаролот на кабинетот на претседателството Ибрахим Калин покажа реакција против изјавата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху кој рече дека по изборите, незаконските населби во Западниот Брег ќе бидат анектирани кон Израел. Калин во објавата што ја сподели преку социјалната медија реагираше со следните зборови: „Оваа изјава е еден друг пример на активностите на Нетанјаху за легализирање на окупацијата. Ако биде повторно избран дали тоа ќе биде победа на демократијата или на окупацијата?“

Весникот „Хабертурк“ во веста под наслов „Навалија туристите од Далечниот исток“, информира дека Памуккале како еден од најмногу посетуваните локалитети на Турција, добро ја започна 2019 година и бројот на посетителите во првите 3 месеци го зголеми за 25 отсто. Кон областа која во текот на годината се очекува да ја посетат 3 милиони туристи, во овој период голема заинтересираност покажуваат туристите од Далечниот исток, додека германските и руските туристи се очекува да навалат на областа во наредните денови.

„Заврши за 33 часа“ гласи насловот на веста на страниците на весникот „Сабах“, каде што се вели дека операцијата за преместување од Аеродромот Ататурк на Истанбулскиот Аеродром, кој е и најголемиот аеродром во светот, заврши со извојување на голема логистичка победа. Преместувањето за кое што се очекуваше да трае 45 часа беше завршено за 33 часа. Турската авиокомпанија ТХЈ (Туркиш Ерлајнс) својот прв лет од новиот дом, по преместувањето, го реализира за Анкара.

Весникот „Стар“ во веста под наслов „’Џебниот херкул’ ќе биде претставен на белото платно“, информира дека филмот по име „Џебниот херкул Наим Сулејманоглу“ во кој се раскажува за животот на светски познатиот покоен кревач на тегови Наим Сулејманоглу кој го удри својот белег на историјата на турскиот спорт, ќе почне да се прикажува на 25 октомври. Режисер на филмот е Озер Фејзиоглу, директор на фотографија Мартин Зесанов, сценарист е Мустафа Прешева, а музиката е на Фахир Атакоглу. Продуцент на филмот пак, е Мустафа Услу кој е продуцент и на филмовите „Ајла“. „Муслум“ и „Чичеро“.

Весникот „Јени Шафак“ во веста под наслов „Кениски белег на Истанбулскиот полумаратон“, пишува дека се познати добитниците на Истанбулскиот полумаратон. Во машка конкуренција првото место го освои Кениецот Бенард Негно со резултат од 59 минути 56 секунди. Во женска конкуренција првото место го освои исто така кениска атлетичарка. Рут Чепнгетик со постигнат резултат од 1 час 5 минути 30 секунди стигна прва на целта и го освои првото место.



Слични вести