Турски печат 29.03.2019

Еве ги позначајните вести за кои известуваат весниците во своите денешни изданија овде во Турција...

Турски печат 29.03.2019

Весникот „Хурријет“ во веста под наслов „Впечатливи пораки од претседателот Ердоган во изненадувачката програма“, пишува дека претседателот Реџеп Тајјип Ердоган истакна дека за Голанските висорамнини со договорите од 1967 година е потврдено од страна на Обединетите нации (ОН) дека и припаѓаат на Сирија. Претседателот Ердоган вчера во Анкара оствари средба со младите и одговараше на нивните прашања. Програмата се емитуваше во живо и на социјалните мрежи Твитер, Фејсбук и Инстаграм. 

Весникот „Хабертурк“ во веста под наслов „Во Лаодикија пронајдена статуа од римскиот период стара 1906 години“, информира дека во ископувањата кои што продолжуваат во античкиот град Лаодикија кај градот Денизли, е извадена на светлината на денот статуа на римскиот император Трајан изработена во 113 година. Статуата е единствена во светот од аспект на карактеристиките како што се пропорционалноста и портретот и е извадена на светлината на денот во 356 парчиња кои што потоа се споени. Покрај статуата е насликан и еден непријателски дачиски војник, со заврзани раце одзади.  

Островот на Антарктикот каде што се наоѓа турската база под лупа на РАСАТ“ гласи насловот на веста на страниците на весникот „Сабах“, каде што се вели дека островот Хорсешое на Антарктикот каде што се наоѓа Турскиот камп за научни истражувања е под лупа на РАСАТ, првиот домашен сателит за набљудување на Турција. На споделените сателитски фотографии се гледаат островот и неговата околина. Сателитот РАСАТ може да ги сними сите делови на светот, без никакви ограничувања. Добиените снимки од РАСАТ се користат во картографијата, следењето на елементарните непогоди, екологијата, урбанизацијата и планирањето.

Весникот „Ватан“ во веста под наслов „Успехот со домашните беспилотни летала (ИХА) ги забрзува работите за нашиот офанзивен авион Акинџи“, пишува дека турската компанија Бајкар која беспилотните летала (ИХА) ги произведува со домашни можности и тоа за една петина од цената, има за цел во август оваа година да го тестира беспилотното офанзивно летало Акинџи. На беспилотното летало Акинџи ќе може да се постави товар во тежина од 1.350 килограми. Акинџи освен проектилите Сом-А, Џирит, МК-82 и Бозок кои што се управувани и произведени со домашен софтвер, ќе може да користи и национална умна (смарт) муниција.

Весникот „Стар“ во веста под наслов „Туркиш Ерлајнс ќе го промовира турскиот чај во светот“, информира дека во CIP Lounge (Си-Ај-Пи Лаунџ) кој што ќе биде ставен во услуга на патниците за меѓународни линии на Истанбулскиот Аеродром каде што од 6 април ќе се наоѓа и новото седиште на Турската авиокомпанија ТХЈ (Туркиш Ерлајнс), е подготвен специјален простор за турскиот чај. Со овој простор, во салата со конфор на хотел со пет ѕвездички, каде што ќе навраќаат авиопатниците на Туркиш Ерлајнс од голем број земји ширум светот, ќе се промовира турскиот чај. Исто така во Лаунџата на Туркиш Ерлајнс за меѓународни линии, освен простории за јадење и пиење, има и простории за забава за децата и спални соби за транзитните патници.



Слични вести