Турски печат 29.11.2018

Еве ги позначајните вести за кои известуваат весниците во своите денешени изданија овде во Турција...

1097164
Турски печат 29.11.2018

Весникот „Хабертурк“ во веста под наслов „Блиц изјави од претседателот Ердоган“ пишува дека претседателот Реџеп Тајјип Ердоган во своето обраќање на состанокот на Постојаниот комитет за економска и трговска соработка (ИСЕДАК) на Организацијата за исламска соработка (ОИС) вчера во Истанбул,  даде мошне значајни изјави. Ердоган упати повик за тргување со домашни валути и рече: „Онолку колку што ќе ја зголемиме нашата трговија како земји членки на ИСЕДАК толку ќе бидеме посилни. Употребата на нашите национални валути во меѓусебната трговија е од крајно големо значење за да ги скршиме империјалистичките пранги.“ 

Весникот „Сабах“ во веста под наслов „Коментар од министерот за правда во врска со Акин Ипек: Тоа е неприфатливо“ информира дека по одлуката во врска со барањето од Англија за испорачување во Турција на членот на Фетулахистичката терористичка организација (ФЕТО) Акин Ипек кое беше отфрлено од страна на оваа земја, првата изјава пристигна од министерот за правда Абдулхамит Ѓул. Министерот Ѓул во својата изјава на социјалната мрежа Твитер  напиша: „Одбивањето од страна на Англија на нашето барање во врска со испорачувањето на пребеганите припадници на ФЕТО Акин Ипек, Али Челик и Талип Бујук, е неприфатливо. Нашата борба во врска со нивното испорачување ќе продолжи се додека припадниците на терористичката организација не положат сметка пред турското судство.“

Весникот „Стар“ во веста под наслов „Започна производството на 30 хеликоптери Атак продадени на Пакистан“ пишува дека медиумската куќа „Кува Груп“ со седиште во Пакистан соопшти дека започна производството на првиот од хеликоптерите Т129 продадени на Пакистан. Турската компанија за воздухопловство и вселенска индустрија (ТАИ) ќе произведе вкупно 30 хеликоптери Т129, за Пакистан. Предавањето на првиот хеликоптер пак чие производство започна, ќе се реализира во 2020 година. 

„Малата циганка пристигна во Газиантеп“ гласи насловот на веста на страниците на весникот „Јени Шафак“ каде што се вели дека парчињата на мозаикот „Малата циганка“ кои се изложуваа во Државниот универзитет Боулинг Грин во сојузната држава Охајо во САД, завчера со авион на Турската авиокомпанија ТХЈ (Туркиш Ерлајнс) беа донесени во Турција. Согласно потпишаниот договор пред 5 месеци помеѓу министерството за култура и туризам на Турција и Државниот универзитет Боулинг Грин, 12 парчиња на мозаикот „Малата циганка“ со церемонија им беа предадени на турските надлежни и беа испратени во нивниот дом, градот Газиантеп.

Весникот „Хурријет“ во веста под наслов „Познатата актерка на Боливуд пристигна во Турција“ информира дека Фатима Сана Шаик, актерка на Боливуд чија ѕвезда почна да блеска во последно време, допатува во Турција. Според објавеното писмено соопштение, Боливудската актерка Фатима Сана Шаик која го прочу своето име со филмот „Дангал“ во кој ја споделува главната улога со Амир Кан, ги посети Истанбул и Кападокија. Фатима Сана Шаик рече: „Сето она што го имав слушнато во врска со Турција, всушност било уште поубаво. Овдешните луѓе се исполнети со љубов, тие се извонредно гостопримливи.“

 



Слични вести