Блинкен разговараше телефонски со Лавров за прашањето со Украина

Портпаролот на американскиот државен секретаријат (Стејт департментот) Нед Прајс, објави писмено соопштение во врска со содржината на остварениот телефонски разговор на државниот секретар Антони Блинкен со неговиот руски колега Сергеј Лавров

1764669
Блинкен разговараше телефонски со Лавров за прашањето со Украина

Државниот секретар на Соединетите Држави (САД) Антони Блинкен оствари телефонски разговор со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров посветен на тензиите предизвикани од руското воено натрупување во областите блиску до границата со Украина.

Портпаролот на американскиот државен секретаријат (Стејт департментот) Нед Прајс, во објавеното писмено соопштение во врска со овој телефонски разговор го рече следното: „Блинкен го нагласи значењето од продолжување на дипломатските напори за намалување на тензиите коишто произлегуваат од екстремно вознемирувачкото руско воено натрупување во близина на Украина и внатре на нејзина територија. Државниот секретар ја повтори непоколебливата посветеност на Соединетите Американски Држави (САД) на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.“

Велејќи дека Блинкен ја подвлече потребата и НАТО и партнерите на САД во Европа да учествуваат во било кои преговори во врска со европската безбедност, вклучувајќи ја и Украина, Прајс информира дека двајцата шефови на дипломатии ги разгледаа и состаноците на Дијалогот за стратешка соработка САД-Русија што се одржа на 10 јануари, на Советот НАТО-Русија на 12 јануари и на Постојаниот совет на Организацијата за безбедност и соработка на Европа (ОБСЕ) на 13 јануари.

Од друга страна, Прајс, го подвлече и следното: „Државниот секретар Блинкен на 19 јануари ќе отпатува за главниот град на Украина, Киев, на средба со претседателот Володимир Зеленски и со министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба, за да ја зајакне посветеноста на Соединетите Американски Држави (САД) на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.“

Нед Прајс истакна дека Блинкен на 20 јануари ќе отпатува за Берлин кадешто ќе се состане со сојузниците на САД со кои ќе разговараат за финалните дипломатски преговори со Русија и за одговорот што ќе и се даде на Москва за да се одврати можниот напад на Русија врз Украина, вклучувајќи и значајни економски санкции.

Портпаролот на американскиот државен секретаријат (Стејт департментот) Нед Прајс рече дека, освен тоа државниот секретар Блинкен во Берлин ќе се состане и со германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок, по што ќе се одржи заеднички состанок на министрите за надворешни работи на САД, Велика Британија, Германија и Франција, наречен Трансатлантски квартет.

 



Слични вести