Организацијата на турските држави ја повтори подготвеноста за поддршка на Казахстан

Министрите за надворешни работи на земјите членки и набљудувачи на Организацијата на турските држави по одржаниот вонреден онлајн состанок на ниво на министри за надворешни работи за разгледување на случувањата во Казахстан објавија писмено соопштение

1761008
Организацијата на турските држави ја повтори подготвеноста за поддршка на Казахстан

Организацијата на турските држави повтори дека е подготвена да ја даде потребната поддршка на управата и народот на Казахстан за надминување на актуелната криза.

Министрите за надворешни работи на земјите членки и набљудувачи на Организацијата на турските држави по одржаниот вонреден онлајн состанок на ниво на министри за надворешни работи за разгледување на случувањата во Казахстан, објавија писмено соопштение.

Во соопштението повторно се потврдува одлучната поддршка и солидарноста на Казахстан и на неговиот братски народ, а воедно се подвлекува важноста на мирот и стабилноста на Казахстан што е од витално значење за стабилноста и безбедноста во неговиот регион и пошироко.

Во соопштението се осудуваат насилството и деструктивните акти кои ги доведуваат во опасност човечките животи, го нарушуваат јавниот ред и му наштетуваат на имотот, нагласувајќи ја притоа и довербата во капацитетот на казахстанските власти за итно наново воспоставување на јавниот ред и нормалниот поредок во земјата.

Се укажува на значењето од почитување на основните норми и принципи на меѓународното право и се подвлекува поддршката на управата на Казахстан во операциите во борбата против терористите, радикалите, екстремистите и криминалците кои имаат за цел да го нарушат уставниот поредок во земјата.

Во соопштението се изнесува и поддршката на казахстанскиот претседател Касим Жомарт-Токаев за реформската агенда со која ќе се зголеми просперитетот на братскиот народ на Казахстан, а исто така се истакнува дека е постигната согласност да се остане во блиска соработка и консултации по ова прашање.

Инаку, Казахстан заедно и со Азербејџан, Турција, Киргистан и Узбекистан е една од петте земји членки на Организацијата на турските држави, додека Туркменистан и Унгарија се земји набљудувачи.

Станува збор за организација која е основана во 2009 година под името Турски совет, а нејзиното сегашно име е Организација на турски држави кое го доби на самитот што се одржа во Турција, во ноември 2021 година.

Протестите во Казахстан започнаа на 2 јануари во западниот дел на земјата поради поскапувањето на цените на течниот нафтен гас (ТНГ) и влошувањето на социо-економска состојба, кои потоа се проширија и во другите делови на земјата.

За време на демонстрациите дојде до судири меѓу безбедносните сили и демонстрантите при што имаше и голем број човечки загуби.

Претседателот на Казахстан Касим Жомарт-Токаев ја прифати оставката на владата која ја сметаше за одговорна за протестите.

Откако протестите почнаа да се прошируваат низ целата земја беше прогласена вонредна состојба.

 



Слични вести