Социјалдемократската партија (СПД) на Олаф Шолц со најголем број освоени гласови на изборите

Според прелиминарните резултати објавени од Федералната изборна агенција, на изборите со мала разлика победи Социјалдемократската партија (СПД) на Олаф Шолц со освоени 25,7 отсто од гласовите и 206 пратенички места во Бундестагот

1710877
Социјалдемократската партија (СПД) на Олаф Шолц со најголем број освоени гласови на изборите

Според првите објавени прелиминарни официјални резултати, на вчерашните одржани парламентарни избори во Германија најголем број гласови и пратенички места освои Социјалдемократската партија (СПД), а на второ место е конзервативниот блок ЦДУ/ЦСУ на канцеларката Ангела Меркел.

Германските граѓани вчера гласаа на парламентарните избори за новиот состав на Федералниот Парламент, Бундестагот и се одлучија кој ќе ја наследи канцеларката Меркел по нејзината 16 годишна власт.

Според прелиминарните резултати објавени од Федералната изборна агенција, на изборите со мала разлика победи Социјалдемократската партија (СПД) на Олаф Шолц со освоени 25,7 отсто од гласовите и 206 пратенички места во Бундестагот.

Претседателот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и кандидат за канцелар на Германија на конзервативниот блок ЦДУ/ЦСУ Армин Лашет е на второ место со 24,1 отсто и 196 пратенички места во Бундестагот.

На тој начин ова се најлошите изборни резултати за демохристијаните од 1949 година досега.

Социјалдемократите обезбедија тесна победа на изборите, но не успеаја да го освојат парламентарното мнозинство со што е даден сигнал дека за прв пат од 1960-тите земјата оди кон тројна коалициона Влада.

Според прелиминарните резултати распоредот на пратеничките места според политичките партии во Федералниот Парламент, Бундестагот, е вака:

Социјалдемократската партија (СПД) 206, конзервативниот блок ЦДУ/ЦСУ 196, Зелените 92, АфД 83 и Партијата на левицата 39 пратеници.

Кандидатот за нов канцелар на Германија и претседател на Социјалдемократската партија (СПД) Олаф Шолц одржа победнички говор и го истакна следното: „Резултатите покажуваат дека гласачите како канцелар сакаат да ме видат мене. Ќе направам се што е во моја можност за формирање на новата Влада до крајот на годината.“ 

Кандидатот за канцелар на конзервативниот блок ЦДУ/ЦСУ Армин Лашет исто така изјави дека ќе направи се што е во негова можност за формирање на коалициона Влада.

На тој начин по објавувањето на конечните официјални резултати од изборите, погледите во Германија ќе бидат свртени кон формирање на коалиционата Влада во земјата.

Инаку, канцеларот на Германија се избира индиректно, со тоа што гласачите бираат нови членови на Парламентот кои потоа гласаат, односно го избираат новиот канцелар.

Ако победничката партија обезбеди мнозинство во Парламентот или успее да формира коалициона Влада со апсолутно мнозинство, нејзиниот кандидат обично станува и новиот канцелар на земјата.

По 16 години на власт, канцеларката Ангела Меркел ја напушти активната политика, но Таа ќе остане на својата функција до формирањето на новата Влада.

 



Слични вести