Талибанците сакаат да формираат влада во која ќе бидат вклучени сите страни во Авганистан

Портпаролот на Талибанците, Забибула Муџахид рече дека „им простиле на сите“ и се обврза дека на Авганистанките ќе им ги обезбедат правата кои ќе се засноваат на „исламска основа“

1693294
Талибанците сакаат да формираат влада во која ќе бидат вклучени сите страни во Авганистан

 

Портпаролот на Талибанците, Забибула Муџахид, рече дека сакаат да формираат влада која ќе ги вклучи сите страни во Авганистан.

Муџахид на прес-конференцијата што ја одржа во главниот град Кабул, одговораше на прашањата на локалните и странските новинари, меѓу кои имаше и жени.

Портпаролот на Талибанците изјави дека тие сакаат да формираат влада во која ќе бидат вклучени сите страни во Авганистан и дека наскоро ќе постигнат договор со кој ќе се формира „исламска влада“.

Наведувајќи дека не планираат да се одмаздат на никого, вклучително и поранешните воени службеници и оние кои соработуваа со странските сили, Муџахид рече дека „им простиле на сите“ и се обврза дека на Авганистанките ќе им ги обезбедат правата кои ќе се засноваат на „исламска основа“ и дека жените нема да бидат дискриминирани.

Забибула Муџахид истакна дека сакаат сите медиумски организации да ги продолжат своите активности, дека нема да има закана за ниту една земја од Авганистан и дека амбасадите во земјата се целосно безбедни.

Во рамките на мировниот договор постигнат меѓу Соединетите Американски Држави (САД) и Талибанците во февруари 2020 година, започна процесот на повлекување на меѓународните сили од Авганистан.

Иако договорот предвидува да не се напаѓаат странските сили, Талибанците, кои ги продолжуваат преговорите со авганистанската влада во Катар, истовремено од јуни со насилни напади зазедоа многу провинциски центри во Авганистан.

Талибанците, кои во неделата го опколија главниот град Кабул, откако претседателот Ешреф Гани ја напушти земјата и владините сили го напуштија главниот град, го презедоа под целосна контрола.



Слични вести