Пучистот Халифа Хафтар со објавена видео порака се самопрогласи за „претседател на државата“

Тврдејќи дека „ја користи надлежноста којашто му е дадена од страна на народот за да застане на чело на државата“, лидерот на нелегитимните вооружени сили во источниот дел на Либија Халифа Хафтар се самопрогласи за „претседател на државата“

1406873
Пучистот Халифа Хафтар со објавена видео порака се самопрогласи за „претседател на државата“

Лидерот на нелегитимните вооружени сили во источниот дел на Либија Халифа Хафтар, синоќа објави видео порака во која изјави дека политичкиот Договор од Сухејрат ја изгубил својата важност чиј гарант се Обединетите нации (ОН) и дека неговите вооружени групи ќе ја заземат цела Либија.

Тврдејќи дека „ја користи надлежноста којашто му е дадена од страна на народот за да застане на чело на државата“, Хафтар се самопрогласи за „претседател на државата“.

Од друга страна, премиерот на легитимно признатата Влада на национално единство на Либија, Фајез ал Сараџ, изјави дека тоа што Халифа Хафтар еднострано се прогласи за „претседател на државата“ става до знаење дека треба да се стави крај на неговиот проект за пуч.

Во објавеното писмено сооштение од Канцеларијата за печат на Сараџ се истакнува следното: „Ентузијазмот за власт и глупоста го достигна својот краен врв. Бунтовникот (Хафтар) прогласи нов пуч и со тоа додаде нова алка на синџирот на воениот удар што го започна пред неколку години.“

Истакнувајќи дека ова самопрогласување на Хафтар е нанесен удар врз Договорот од Сухејрат и врз сите политички кругови во земјата, Сараџ рече дека ваквиот проект на Хафтар беше очекуван за да ги прикрие доживеаните порази и дека тоа за нив не претставува изненадување.

Сараџ воедно упати повик до членовите на Претставничкото собрание во Тобрук во источниот дел на земјата да се приклучат кон редовите на своите колеги во Триполи.

Врховниот државен совет на Либија исто така, откако пучистот Халифа Хафтар се самопрогласи за „претседател на државата“, го повика специјалниот претставник на Обединетите нации (ОН) за Либија да го отфрли ваквиот обид.

Тоа што Халифа Хафтар се самопрогласи за „претседател на државата“ стана причина за реакција и кај политичките и дипломатските средини во земјата.

Така и амбасадата на САД во Триполи соопшти дека ја дочекува со жалење изјавата на Хафтар во која се прогласува за „претседател на државата.“



Слични вести