Макрон истера израелски полицајци од црква во Ерусалим

„Тоа што го сторивте пред мене воопшто не ми се допадна. Излезете надвор“, рече Макрон видно вознемирен.

1346085
Макрон истера израелски полицајци од црква во Ерусалим

Францускиот претседател Емануел Макрон имаше жестока расправија со израелската полиција за време на посетата на црквата Света Ана, која се наоѓа во окупираниот Источен Ерусалим и која се смета за француска територија.

На видеозаписите објавени на социјалните мрежи може да се види и слушне како Макрон со прилично повисок тон на гласот бара од израелската полиција да ја напушти црквата, нагласувајќи дека „сите многу добро ги знаат правилата“.

„Тоа што го сторивте пред мене воопшто не ми се допадна. Излезете надвор“, рече Макрон видно вознемирен.

Исто така, на видеозаписот може да се слушне како францускиот претседател од израелските полицајци бара да ги почитуваат правилата.

„Постојат правила кои се почитуваат со векови и тие нема да бидат изменети поради мене“, порача Макрон.

Според известувањата на израелските медиуми, до напнатоста дошло откако израелската полиција, заедно со Макрон, сакала да влезе во црквата што е прифатена како земја на Франција.

Францускиот претседател Макрон допатува во Израел за да присуствува на Светскиот форум на холокаустот и се сретна со премиерот Бенјамин Нетанјаху.



Слични вести