Либиската Влада: Русија врши притисок врз Хафтар за да го потпише договорот за прекин на огнот

Министерот за надворешни работи на Владата на национално единство на Либија Мухамед Сајале во објавата што ја сподели на Фејсбук го напиша следното: „Русија ни рече дека врши притисок врз Хафтар за да го потпише договорот за прекин на огнот"

Либиската Влада: Русија врши притисок врз Хафтар за да го потпише договорот за прекин на огнот

Владата на национално единство на Либија, која инаку е легитимна и меѓународно призната влада од страна на Обединетите нации (ОН), соопшти дека Русија врши притисок врз лидерот на вооружените сили во источниот дел на земјата Халифа Хафтар, за потпишување на договорот за прекин на огнот.

Министерот за надворешни работи на Владата на национално единство на Либија Мухамед Сајале во објавата што ја сподели на својот официјален профил на социјалната мрежа Фејсбук го напиша следното: „Русија ни рече дека врши притисок врз Хафтар за да го потпише договорот за прекин на огнот.“

Руското министерство за одбрана, денеска соопшти дека Халифа Хафтар гледа позитивно на договорот за прекин на огнот со Владата на национално единство, но дека има потреба од 2 дена за локални консултации.

Вчера во главниот град на Русија, Москва, се одржаа разговори меѓу турските и руските делегации, како и инволвираните страни во судирите во Либија.

Турската делегација, заедно со премиерот на Владата на национално единство на Либија Фајез ал Сараџ и со претседателот на Врховниот државен совет Халид ал Мишри го подготви текстот на договорот.

Руската делегација пак, се обиде да ги убеди Халифа Хафтар и претседателот на Претставничкото собрание со седиште во Тобрук Акиле Салих.

Меѓутоа, Хафтар не го потпиша текстот на договорот којшто беше подготвен на крајот на долги напори и во утринските часови ја напушти Москва.



Слични вести