Израел ќе гради 6.000 нелегални станбени единици на Западниот Брег

Кабинетот за безбедност на Израел го одобри планот за изградба на 6.000 нови станбени единици за еврејските доселеници во окупираниот Западен Брег

1245654
Израел ќе гради 6.000 нелегални станбени единици на Западниот Брег

Израелската администрација ќе го зголеми за 6 илјади бројот на нелегални единици за домување за еврејските доселеници на окупираниот Западен Брег, пренесува Anadolu Agency (AA).

„Кабинетот за безбедност на Израел го одобри планот за изградба на 6.000 нови станбени единици за еврејските доселеници во окупираниот Западен Брег“, јави израелскиот јавен сервис КАН.

Во веста се истакнува дека е важно градежниот план да се одобри пред турнејата на Џаред Кушнер, главниот советник и зет на американскиот претседател, Доналд Трамп, на Блискиот Исток.

Според израелската телевизија „Канал 13“, Кабинетот за безбедност на Израел вчера им дозволил на Палестинците да градат 715 домови во Ц-зоната на окупираниот Западен Брег.

Во последниве години, израелската администрација го интензивира проширувањето на нелегалните еврејски населби во окупираните Западен Брег и Источен Ерусалим.

Во рамките на Вториот договор од Осло, потпишан во 1995 година меѓу Палестина и администрацијата на Израел, Западен Брег беше поделен во три зони, А, Б и Ц.

Според тоа, Палестина управува со зоната А (18 отсто од Западниот Брег), од административен и безбедносен аспект, исто така управува со зоната Б (21 отсто од Западниот Брег) само од административен аспект, додека Израел управува со безбедноста. Израел ја има целата управа на зоната Ц (61 отсто од Западниот Брег), како од административен, така и од безбедносен аспект.

Израелската влада не дозволува Палестинците да градат нови згради во „зоната Ц“, затоа што таа е под нивна контрола.

Мировните преговори меѓу Израел и Палестина запреа во април 2014 година затоа што Израел „одби да ги прифати границите од 1967 година, правото на Палестинците да се вратат во своите домови по присилното иселување и законот со кој треба да запре изградбата на еврејските населби“. Покрај сите напори, мировните преговори не успеаја да започнат повторно.

Во Западниот Брег, окупиран од Израел во 1967 година, има близу 250 илегални еврејски населби. Повеќе од 400.000 еврејски доселеници во овие области им го отежнуваат животот на Палестинците.

Некои од овие населби се состојат од нерегуларни еврејски населби што ги сочинуваат бараки и контејнери.

Од друга страна, во Источен Ерусалим има 18 нелегални еврејски населби. Во овие населени места живеат повеќе од 220.000 еврејски доселеници.



Слични вести