Продолжуваат воздушните напади врз Идлиб

Поради честото прекршување на примирјето од страна на силите на режимот, Турција и Русија постигнаа дополнителен договор

Продолжуваат воздушните напади врз Идлиб

Во воздушни напади на силите на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад врз населбите во деескалационата зона во Идлиб, загинаа пет цивили, од кои три деца, пренесува Anadolu Agency (AA).

Воените авиони на режимот на Асад извршија воздушни напади во областа Кефренбил, месноста Кенсафра и Бидама и во селата Џузеф, Кефер Батих, Сфухен, Иблин, Урејнибе и Маранд. 

Според информациите на Цивилната одбрана („Бели шлемови“), во воздушниот напад врз селото Џузеф, јужниот дел на Идлиб, животот го загубиле пет цивили, од кои три деца. 

Акциите за пребарување и спасување продолжуваат. Постои загриженост дека бројот на загинати ќе биде поголем. 

Од почетокот на граѓанската војна во Сирија, подрачјето на Идлиб во северозападниот дел на земјата, важи за упориште на опозицијата. Во моментот, популацијата во Идлиб, поради внатрешните миграции изнесува околу 4 милиони. Идлиб, кој од март 2015 година е под контрола на опозицијата, сега се наоѓа на врвот од листата на цели на режимските сили.

На 4 и 5 мај 2017 година, Турција, Русија и Иран, на Самитот во Астана се договорија Идлиб и неговата околина да ги прогласат за зона за деескалација на судирите.

Поради честото прекршување на примирјето од страна на силите на режимот, Турција и Русија постигнаа дополнителен договор на состанокот одржан на 17 септември 2018 година во Сочи, но силите на режимот, и покрај тоа, продолжија со прекршувањето на примирјето.

Режимот на Асад и неговите поддржувачи, од потпишувањето на Договорот за прекин на огнот во Идлиб на 17 септември 2018 година, прекршувајќи го примирјето, спроведуваат напади кои примораа повеќе од 553.000 цивили да ги напуштат своите домови.



Слични вести