Соборениот судански претседател ал-Бешир нема да му биде предаден на Меѓународниот кривичен суд

„На Омар ал-Бешир ќе му судиме ние. Нема да го предадеме на Меѓународниот кривичен суд.“ - рече претседателот на Политичкиот комитет генерал на армија Омар Зејнелабидин

1183267
Соборениот судански претседател ал-Бешир нема да му биде предаден на Меѓународниот кривичен суд

Претседателот на Политичкиот комитет генерал на армија Омар Зејнелабидин, овластен од страна на Преодниот воен совет во Судан, изјави за новинарите во главниот град Картум дека соборениот претседател Омар ал-Бешир нема да биде предаден на Меѓународниот кривичен суд, за негово судење.

Зејнелабидин рече: „На Омар ал-Бешир ќе му судиме ние. Нема да го предадеме на Меѓународниот кривичен суд.“

Омар Зејнелабидин ги потврди вестите за апсење на водечките личности на владејачката партија и напомена дека соборениот претседател ал-Бешир исто така е под нивен надзор.

Тој истакна дека војската почувствувала оти е блокиран хоризонтот на земјата и дека затоа откако режимот останал индиферентен пред тоа, одлучила да ја промени власта.

Подвлекувајќи дека реакциите кои што пристигнуваат од земјите на меѓународен план по прашањето на преземањето на власта од страна на армијата, се во позитивна насока, Зејнелабидин наведе дека се уапсени сите имиња симболи на режимот на Омар ал-Бешир.

Тој напомена дека власта ќе и се предаде на влада која ќе биде избрана на избори и рече: „Нашиот приоритет се безбедноста и стабилноста во земјата. Не мислиме да останеме на власт. Ќе се обидеме да ги пробиеме санкциите на Соединетите Американски Држави (САД).

Омар Зејнелабидин продолжи со следните зборови: „Народот посака власта да биде преземена од наша страна. Ние не трчавме по власта и не сме дел од партијата на ал-Бешир. Двогодишниот процес на премин ќе се темели особено на разговори со политичките сили. Ќе излеземе на плоштадите. Ќе седнеме со демонстрантите кои протестираат, сакаме да ги земеме нивните размислувања.“

Зејнелабидин истакна дека демонстрантите се под заштита, но дека нема да дозволат да дојде до прекршување на слободата на другите граѓани.

Тој напомена дека министерот за одбрана ќе биде од вооружените сили, а министерот за внатрешни работи ќе го избере Преодниот воен совет и рече: „Ние не сме пучисти, нема да извршиме предавство на народот.“

По овие изјави на претседателот на Политичкиот комитет генерал на армија Омар Зејнелабидин, објави соопштение и Унијата на стручните комори на Судан (СПА) во кое се вели следното: „Ги отфрлуваме изјавите од страна на Советот. Начинот на предавање на власта потсетува на иронична театарска игра. Со одлучност потврдуваме дека не ги прифаќаме активностите на армијата.“

Во соопштението се додава и следното: „Ќе покажаме отпор против сите активности на војската, на чело со вонредната состојба и полицискиот час (забраната за излегување на улица). Ќе покажеме отпор против насилството и заплашувањата кои што армијата претходно ги спроведе и ќе се обиде да ги спроведе против народот. Ќе излеземе победници од тоа.“

Во соопштението се вели дека активностите кои што се преземаат од страна на командантите на армијата се состојат само од промена на маската на еден режим, кој што не е сакан од страна на народот.

Опозиционите групи пак, ги продолжуваат своите протести и на деветиот ден, пред Генералштабот, а со цел да извршат притисок врз Преодниот воен совет за исполнување на нивните барања.

Демонстрантите му се обратија на претседателот на Преодниот воен совет Абдулфетах ал-Бурхан извикувајќи слогани „Бурхан, Бурхан, еј Бурхан, немој да паднеш и ти како нив.“

Освен тоа демонстрантите побараа да се укине службата за разузнавање, да им се суди на имињата симболи на режимот и да се расформираат милициските сили кои им се закануваат на демонстрантите со убиство. 

Демонстрантите истакнаа дека бараат цивилна и демократска влада, дека никако нема да ја прифатат воената власт и дека нема да отстапат се додека не бидат целосно исполнети нивните барања.

На протестите претставниците од различни политички убедувања читаа соопштенија на различни места на плоштадот и ги информираа народот и претставниците на печатот.



Слични вести