Денеска се одржуваат предвремени парламентарни избори во Израел

На денешните предвремени парламентарни избори во Израел за избор на новиот состав на Парламентот, Кнесетот, составен од 120 пратеници, се натпреваруваат 41 политичка партија, а се регистрирани над 5 милиони 800 илјади гласачи

1179500
Денеска се одржуваат предвремени парламентарни избори во Израел

Денеска граѓаните на Израел гласаат за новите пратеници во Парламентот, Кнесетот, составен од вкупно 120 пратенички места.

Гласањето на предвремените парламентарни избори започна во 07:00 часот според локално време.

Гласачките кутии ќе бидат затворени вечер во 22:00 часот. 

На изборите за кои се вели дека ќе поминат во најсилна борба од аспект на одржаните избори во последните години, се натпреваруваат 41 политичка партија, а се регистрирани над 5 милиони 800 илјади гласачи.

На претходните одржани општи избори во оваа земја во 2015 година процентот на излезеност на израелските граѓани изнесуваше 71,8 отсто. 

Според испитувањата на јавното мислење кои што беа објавени во израелскиот печат, Партијата Ликуд на чело со актуелниот израелски премиер Бенјамин Нетанјаху се очекува да ги добие изборите со мала предност.

Втора партија по Ликуд, се предвидува да биде Сино-белата партија на чело со поранешниот началник на Генералштабот Бени Ганц и поранешниот министер за финансии Јаир Лапид.

Изборниот праг во Израел изнесува 3,25 отсто, додека се претпоставува дека во Парламентот, Кнесетот од 41 политичка партија колку што учествуваат на изборите ќе можат да влезат 10 до 14 партии.

Според спроведените анкети, ниту една од политичките партии не се очекува да успее да освои најмалку 61 пратеничко место колку што се неопходни за формирање на самостојна влада, така да се вели дека Израел го очекува нова коалициона влада.



Слични вести