Реакции од светот на одлуката на Трамп во врска со Голанските висорамнини

По последниот потег на американскиот претседател Доналд Трамп кој вчера го потпиша претседателскиот указ за признавање на израелскиот суверенитет над Голанските висорамнини, пристигнаа реакции од целиот свет

1170783
Реакции од светот на одлуката на Трамп во врска со Голанските висорамнини

Потпишувањето на претседателскиот указ од страна на претседателот на Соединетите Американски Држави (САД) Доналд Трамп со кој се признава израелскиот суверенитет над Голанските висорамнини, кои инаку и припаѓаат на Сирија, е дочекана со реакција и од страна на светот.

Во објавеното соопштение од портпаролството на Европската унија (ЕУ), се истакнува следното: „Не го признаваме израелскиот суверенитет над териториите кои ги држи под окупација од 1967 година, вклучувајќи ги и Голанските висорамнини.“ 

Портпаролот на генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Стефан Дујарич исто така на редовниот дневен брифинг за печатот го употреби изразот „Статусот на Голанските висорамнини не е променет и голанската политика на Обединетите нации (ОН) е определена со резолуциите на Советот за безбедност.“

Во објавеното писмено соопштение од британското министерство за надворешни работи се истакнува дека Голанските висорамнини се оценуваат како територии под окупација на Израел и дека не се планира да се признае оваа анексија на Израел.

Во соопштението се вели следното: „Според меѓународното право, вклучувајќи ја и Повелбата на Обединетите нации (ОН), е забранета анексијата на оваа територија со употреба на сила.“ 

Канадското министерство за надворешни работи соопшти: „Канада, согласно меѓународното право, не ја признава трајната контрола на Израел над Голанските висорамнини. Позицијата на Канада по ова прашање која што продолжува веќе долго време, не е променета.“

Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија Марија Захарова пак рече: „Оваа одлука која е во спротивност со меѓународното право за жал може да доведе до зголемување на затегнатоста на Блискиот исток.“

Во објавеното писмено соопштение од Министерството за надворешни работи на Катар се вели: „Доха го нагласува својот принципиелен став во однос на тоа дека Голанските восорамнини кои се под окупација се арапска територија.“

Либанското Министерство за надворешни работи во своето писмено соопштение истакна: „Признавањето на израелскиот суверенитет над Голанските висорамнини од страна на Трамп, освен тоа што е спротивно на сите правила на меѓународното право, ги поткопува и напорите во правец на воспоставување на праведниот мир.“ 

Ирачкиот министер за надворешни работи Мухамед Али ел-Хеким во соопштението што го објави на својата сметка на социјалната медија напиша: „Голан кој е под окупација е територија на Сирија и оваа територија согласно резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБ на ОН) треба да се предаде под суверенитет на Сирија.“

Во објавеното писмено соопштение од страна на Арапската лига (АЛ) пак, се вели следното: „Признавањето на израелскиот суверенитет над Голанските висорамнини од страна на САД е показател за тоа дека управата на Вашингтон го прекршува меѓународното право. Арапската лига оваа одлука ја осудува со најостри изрази. Одлуката за која станува збор, е неважечка.“

Во меѓувреме, православните евреи кои живеат во САД, одржаа протест во моментот кога американскиот претседател Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху разговараа во Белата куќа во Вашингтон и кога Трамп го потпиша претседателскиот указ за признавање на израелскиот суверенитет над Голанските висорамнини.

На протестот пред Белата куќа, организиран од страна на граѓанската организација на хасидските евреи „Меѓународната Нетуреи Карта“, учествуваа стотици православни евреи.

Учесниците на протестот беа поддржани и од страна на рабините од Здружението на православните рабини против ционизмот.

Во објавеното соопштение во име на групата се вели следното: „Вистинските еврејски рабини државата Израел или Голанските висорамнини никако не ги признаа како дел од Израел.“

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера го потпиша претседателскиот указ со кој прогласи дека „ САД официјално го признаваат суверенитетот на Израел над Голанските висорамнини“.

Израел, од 1967 година ги држи под окупација Голанските висорамнини, кои инаку се територија на Сирија.  

 



Слични вести