Шпанскиот премиер Санчез соопшти дека на 28 април ќе се оди на предвремени избори

Шпанскиот премиер Педро Санчез по владината седница истакна дека предвремените избори се распишани за 28 април 2019 година

1146157
Шпанскиот премиер Санчез соопшти дека на 28 април ќе се оди на предвремени избори

Шпанскиот премиер Педро Санчез на одржаната прес-конференција во владината резиденција Монклоа по вонредната седница на владата соопшти дека е донесена одлука за одржување на предвремени избори.

Санчез истакна дека предвремените избори се распишани за 28 април 2019 година.

Велејќи „Шпанија нема ниту една минута за губење. Шпанија мора да напредува.“, Педро Санчез рече дека по отфрлањето на државниот буџет за 2019 година во Парламентот е донесена одлука за распуштање на Парламентот и да се оди на предвремени избори на 28 април.

Санчез во својот говор што го одржа во духот на предизборна кампања нагласи дека во текот на приближно 8,5 месеци на власт се донесени 13 закони и се потпишани 25 декрети со сила на закон. 

Шпанскиот премиер Педро Санчез ги наброи приоритетите на социјалистичката влада за кои што рече дека се „зацврстувањето на економскиот раст и создавањето на можности за чесно вработување, повторната изградба на просперитетот на Шпанците и демократизацијата на државните институции“, а воедно истакна дека за неприфаќањето на државниот буџет за 2019 година за кој рече дека „претставува најсоцијалистички буџет на Шпанија во последните 7 години, по економската криза“, се одговорни десноориентираните партии од опозицијата. 

„Десницата ја брани идејата за Шпанија која нема да биде на сите нас заедно, туку само нивна.“ - рече Санчез.

Во врска со проблемот со Каталонија пак, велејќи „приврзаниците за независност секогаш знаеја на која позиција стои државата“, шпанскиот премиер Педро Санчез го рече следното: „Никако нема да се откажам од дијалогот, бидејќи правиот пат за решавање на регионалната криза би можеле да го најдеме со дијалог. Јас сум другар на оние кои ги држат роговите на бикот (оние кои се нафаќаат на работа со храброст).“



Слични вести