Убедлива победа на Шавкат Мирзијоев на претседателските избори во Узбекистан

На претседателските избори во Узбекистан кои што беа одржани вчера убедлива победа извојува кандидатот на Либерално демократската партија и актуелен вршител на должноста претседател и премиер Шавкат Мирзијоев кој освои 88,61-насто од гласовите на бирачите

624119
Убедлива победа на Шавкат Мирзијоев на претседателските избори во Узбекистан

Според првите неофицијални резултати претседателските избори во Узбекистан кои што беа одржани вчера убедливо ги доби кандидатот на Либерално демократската партија и актуелен вршител на должноста претседател и премиер Шавкат Мирзијоев кој освои 88,61-насто од гласовите на бирачите во оваа централно азиска земја. 

Во објавеното соопштение од Централната изборна комисија се истакнува дека другите кандидати лидерот на Народната демократска партија Хотамжон Кетмонов освоил 3.73-насто, лидерот на Социјалдемократската партија „Адалат“ (Правда) Наримон Умаров 3,46-насто и лидерот на Демократската партија „Милли тикланиш“ Сарвар Отамуратов 2,35-насто од гласовите на узбечките бирачи.

По смртта на првиот претседател на Узбекистан Ислам Керимов кој 27 години управуваше со земјата и почина на 2 септември по претрпениот мозочен удар, вчера се одржаа претседателски избори за избор на новиот претседател на оваа централно азиска земја.

Претседателските избори во Узбекистан ги следеа повеќе од 600 меѓународни посматрачи од приближно 50 земји и организации како што се Организацијата за европска безбедност и соработка (ОБСЕ), Светската асоцијација на изборните органи (DSOB), Шангајската организација за соработка (ШОС), Организацијата за исламска соработка (ОИС) и Заедницата на независните држави (ЗНД).

Освен тоа за време на изборите беа на задача и приближно 1.300 домашни и странски новинари.



Слични вести