Министрите за одбрана на коалицијата против ДАЕШ за една недела по втор пат се состанаа во Париз

Министрите за одбрана на 13 земји кои учествуваат во борбата против ДАЕШ истакнаа дека следна цел по операцијата на Мосул е исчистување на оваа терористичка организација и од градот Рака во Сирија

597474
Министрите за одбрана на коалицијата против ДАЕШ за една недела по втор пат се состанаа во Париз

Додека продолжува операцијата за спасување на Мосул, вториот по големина град на Ирак од терористичката организација ДАЕШ министрите на земјите кои учествуваат во коалицијата за борба против ДАЕШ во последната една недела се состанаа по втор пат во Париз.

Министрите за одбрана на 13 земји кои ја поддржуваат операцијата на Мосул истакнаа дека следна цел по операцијата е исчистување на терористите од градот Рака во Сирија.

Во објавеното соопштение по состанокот беше нагласено дека операцијата се одвива онака како што е испланирано, но дека за трајна победа мора да се соработува со вистинските елементи во регионот и со локалните сојузници.

Францускиот министер за одбрана Жан-Ив Ле Дриан и американскиот секретар за одбрана Ештон Картер на одржаната заедничка конференција за претставниците на печатот истакнаа дека и Турција е клучен член на коалицијата за борба против терористичката организација ДАЕШ.

Францускиот министер за одбрана Жан-Ив Ле Дриан рече: „И Турција е оштетена од ДАЕШ и е наш клучен партнер во оваа борба. Заедничка цел на меѓународната коалиција и Турција е да се елиминира терористичката организација ДАЕШ.“

Ле Дриан напомена дека заедно со Картер на состанокот на министрите за одбрана на НАТО што ќе се одржи денеска во белгискиот главен град Брисел ќе разговараат со својот турски колега во однос на прашања во врска со примената и заедничките цели.

Американскиот секретар за одбрана Ештон Картер пак истакна дека Ирак и Сирија морат да се исчистат од овој тумор и рече: „Со нашите сојузници турските војници работиме заедно и ја воспоставуваме пограничната безбедност со локалните борци, бидејќи и Турција е оштетена од ДАЕШ и и придава специјално значење на оваа борба.“

Картер и Ле Дриан истакнаа дека меѓународната коалиција постигнува значајни успеси против ДАЕШ во Ирак и Сирија и подвлекоа дека терористичката организација веќе премина во одбрана.

Борбата против терористичката организација ДАЕШ ќе биде поставена на дневен ред и на состанокот на министрите за одбрана на НАТО што ќе се одржи на 26 и 27 октомври (денеска и утре) во белгискиот главен град Брисел.

Ирачките армиски единици, силите Пешмерги и гардистите Ниневија (Нинова) од кои мнозинството го сочинуваат борци обучени од страна на турските војници во кампот Башика на 17 октомври ја започнаа операцијата за исчистување на Мосул од терористичката организација ДАЕШ.



Слични вести